Оваа година, сексуалните работници здружени во СТАР – Прв колектив на сексуални работници на Балканот, и нивните поддржувачи ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини по 13-ти пат се приклучуваат кон глобалното одбележување на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. Овогодинешната кампања насловена „Ние” ја посветуваат на борбата против насилството и дискриминацијата со кои се соочува заедницата, особено во кризни ситуации како што е актуелната состојба со ковид-19 пандемијата.
– Оваа година, грижејќи се за сопственото и јавното здравје, нема да го организираме традиционалниот Марш на црвениот чадор, меѓутоа ќе одржиме прес-конференција која ќе се одржи со почеток во 12 часот пред фонтаната „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“. Прес-конференцијата ќе се одржи во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на јавни настани од овој тип, со строго почитување на мерките за заштита од ширење на ковид-19 вирусот – велат организаторите.
Тие најавуваат дека во 18 часот ги тргнат завесите од излозите на Универзална сала каде ќе биде изведен уметничкиот перформанс.
– Пет девојки пред жешките излози на Универзална сала кои за момент ќе Ви го доближат шармот на улицата на црвените фенери со борделите во Амстердам, но и на времето кога Скопје живеел боемски живот и се будел со првиот мрак и
посетите на атрактивните сексуални работнички. Овој тричасовен перформанс преку директен пренос ќе може да го следитена Фејсбук страната на СТАР – Прв колектив на сексуални работници наБалканот и на партнерите, ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција МАРГИНИ – најавуваат организаторите.
Сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди. (И)легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето се причината да ги губиме основните човекови права. Секојдневно сме изложени на насилство не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста што би требало да не заштитат. Голем дел од предизвиците за човековите права, слабостите и бариерите со кои се соочуваме ние сексуалните работници се должат на криминализацијата, рестриктивните закони, регулативи и практики.
Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година, како спомен и бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против дискриминацијата и насилството.
Овогодинешната кампања „Ние” по повод обележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, е поддржана од Фондација Отворено општество – Македонија и СВАН.