На утрешната седница на советот на градот Скопје ќе се одлучува за набавка на техничка опрема за реализација на видеопренос во живо од седниците.
Набавката на опремата и реализацијата на преносите во живо од седниците на советот на градот Скопје имаат за цел да ја зголемат информираноста на граѓаните за работата на ова тело. Исто така, на тој начин ќе се зголеми и транспарентноста во работењето на градските власти.
Советот со одлуката ќе одобри набавка на различен вид опрема за видеопреноси, односно три професионални видеокамери, компјутерска опрема, осветлување и друга техничка опрема за реализација на пренос во живо.
Од градот информираа дека преносите би се реализирале на официјалната веб-страница на градот Скопје, како и на официјалните страници, профили и канали на градот Скопје на социјалните мрежи и медиуми.
Идејата за пренос на седниците на градските советници е од поодамна, а сега дефинитивно ќе ја добие својата реализација. Сега граѓаните, наместо преку новинарски извештаи, за случувањата во градот и за одлуките на градските советници ќе можат директно да се информираат и да ги следат нивните дискусии, како што сега тоа го прават со собраниските седници. С.Р.