ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста дека дефектот на бул.„Кочо Рацин“, спроти Олимписки базен, за чие отстранување се затвори цефка од ф1400мм е саниран и граѓаните ќе добијат нормализирано водоснабдување до полноќ.
Имено, екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, непрекинато работеа на отстранување на овој дефект и во рекордно време го отстранија истиот.
– Ваквите дефекти се навистина многу ретки, а кога ќе се случат, неминовно е еден поголем дел од граѓаните да имаат прекинато водоснабдување. Во овој случај за отстранување на дефектот беше потребно да се затвори цефка со дијаметар ф1400мм, а со тоа и повеќе населби останаа без вода.
Екипите работеа непрекинато со целиот капацитет и сите расположливи ресурси и за многу краток временски период го отстранија дефектот. Имајќи го предвид фактот дека станува збор за голема цефка која е под силен притисок, водата ќе се пушта постепено и до полноќ се очекува водоснабдувањето да биде нормализирано во сите делови и кај сите корисници. Упатувам голема благодарност до тимот на ЈП Водовод и канализација и до сите граѓани кои имаа трпение и разбирање за оваа ситуација – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.