Фото: Игор Бансколиев

Апелираме до жителите на градот Скопје, органскиот отпад во садовите да го фрлаат соодветно спакуван, за да се спречи неговото истекување од камионите. Би сакале да напоменеме дека „Комунална хигиена“ во летниот период спроведува секојдневно миење на улиците и булеварите со автоцистерни, за максимално одржување на хигиената и чистотата во градот, велат од јавното претпријатие „Комунална хигиена“

Несоодветното фрлање органски отпад ги контаминира улиците и околината

Хигиената во летниот период е од особена важност, а посебно внимание се обидува да се стави изминатите речиси две години, откако коронавирусот почна да пустоши низ светот и во земјава. Надлежните веќе подолг временски период апелираат до граѓаните да внимаваат како го фрлаат својот отпад, независно дали станува збор за отпад од домаќинствата или, пак, за отпад во вид на заштитни маски и ракавици што се користат како дел од мерките за заштита од ковид-19. Сепак, летниот период е карактеристичен по полесно и побрзо ширење вирусна и бактериска зараза, а несоодветното складирање на отпадот може само да го забрза ширењето на вирусите и бактериите.

ТЕЧНОСТА ШТО СЕ ЦЕДИ ОД НАСОБРАНОТО ЃУБРЕ ИСТЕКУВА ПО УЛИЦИТЕ

Жителите на неколку скопски општини реагираат на тоа што од камионите за собирање на ѓубрето од контејнерите и кантите од домаќинствата низ улиците истекува течност од насобраните отпадоци во „ѓубретарките“. Велат дека во овој период од годината со посебно внимание треба да се работи со отпадот во кој има мешавина од разно ѓубре, вклучувајќи и заштитни маски, кои лесно може да се контаминирани со коронавирусот, кој е актуелен изминатиот период.
– Во период кога на големо се апелира на хигиена, кога сите се обидуваме да спасиме жива глава од вирусот, крајно непотребно е да ни се контаминираат улиците со мешавина од течности од сомеленото ѓубре во специјалните камиони на „Комунална хигиена“. Целата улица буквално ни смрди на ѓубре, бидејќи од камионите истекува течност од ѓубрето, а сега, кога температурите се екстремно високи и кога вирусите и бактериите се шират неконтролирано, ова навистина не ни е потребно – вели Игор Стојановски.
Тој вели дека е потребно по нив веднаш да ги мијат улиците за да ги исчистат, а често и заедно со соседите користат средства за дезинфекција, бидејќи на тие маалски улици играат нивните деца.
– Деца како деца, паѓаат, па рацете ги ставаат во уста. Не можеш да ги контролираш цело време, затоа што постојано се надвор. Доволно е едно дете да падне, а потоа да се допре за устата и да добиеме ширење на разни вируси и бактерии, бидејќи тие се деца, воопшто не размислуваат за болестите како што правиме ние возрасните. Од друга страна пак, имаме и соседи што така фрлаат лубеници, разни јадења во контејнерите, па можам и да ги разберам вработените зошто се појавува оваа грда слика. Тие не можат секому поединечно да му „нацртаат“ зошто треба соодветно да го фрла ѓубрето и дека не секое ѓубре е за во контејнер – вели тој.

ОРГАНСКИОТ ОТПАД ДА СЕ ФРЛА СООДВЕТНО ВО КОНТЕЈНЕРИТЕ

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје велат дека причина за истекувањето на течноста од камионите за собирање отпад е несоодветното складирање и фрлање на органскиот отпад од страна на граѓаните, особено во летниот период.
– Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје се соочува со оваа појава секоја година во летниот период, а тоа се случува како резултат на несоодветното фрлање на органскиот отпад од страна на граѓаните – велат од претпријатието.
Оттаму апелираат жителите на Скопје органскиот отпад да го фрлаат соодветно спакуван за да не истекува по улиците.
– Апелираме до жителите на Скопје, органскиот отпад во садовите да го фрлаат соодветно спакуван, за да се спречи неговото истекување од камионите. Би сакале да напоменеме дека „Комунална хигиена“ во летниот период спроведува секојдневно миење на улиците и булеварите со автоцистерни, за максимално одржување на хигиената и чистотата во градот – велат од „Комунална хигиена“.

[email protected]