Пандемијата најмногу го изрази фактот дека општините се вистински сервис на граѓаните. За време на карантинот и полицискиот час, нам ни се дуплираа обврските иако улиците беа празни, а кафулињата без посетители. Им дадовме поддршка на лицата во изолација со тоа што обезбедивме поддршка со Црвениот крст, чии волонтери набавуваа храна и лекови за болните и изнемоштени лица. Во седум наврати дезинфициравме повеќе од илјада влеза (иако ова е примарна обврска на станарите), доделивме социјални пакети и еднократна помош за најранливите, рече Богоев

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА КАРПОШ, СТЕФАН БОГОЕВ

Во интервју за „Нова Македонија“, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, раскажува со кои тешкотии се соочија тој и општината функционирајќи во услови на пандемија, која не го изостави ниту главниот град. На кои проекти е особено горд, која е неговата најголема новогодишна желба, како и што им посакува на жителите на неговата општина, прочитајте во продолжение.

Како ќе ја оцените изминатава година како градоначалник?
– Да беше регуларна година, веројатно, ќе започнев со стандардното набројување на реализираните проекти или на проектите во тек и со изразување задоволство од истите тие. Факт е дека речиси цела година бевме и сѐ уште сме соочени со пандемијата на ковид-19, која во голема мера влијаеше на динамиката на реализација на проектите и на буџетските програми. Општина Карпош и онака има проблем со финансирањето и голема задолженост, а оваа пандемија само уште повеќе ги изрази овие проблеми. Сепак, како локална самоуправа сметам дека оваа година покажавме и еден поинаков пристап во работењето. Да, ние сме тука за да ја одржуваме јавната хигиена, да правиме паркови, детски игралишта, да реконструираме локални улици, да садиме нови дрвја, да ги уредуваме училишните дворови и слично. Но пандемијата најмногу го изрази фактот дека општините се вистински сервис на граѓаните. За време на карантинот и на полицискиот час, нам ни се дуплираа обврските иако улиците беа празни, а кафулињата без посетители. Им дадовме поддршка на лицата во изолација со тоа што обезбедивме поддршка со Црвениот крст, чии волонтери набавуваа храна и лекови за болните и изнемоштени лица. Во седум наврати дезинфициравме повеќе од илјада влеза (иако ова е примарна обврска на станарите), доделивме социјални пакети и еднократна помош за најранливите, дезинфициравме пред маркети, банки, аптеки, а им издававме дозволи за работа и за движење во полициски час на угостители, сопственици на миленици, активисти што хранат бездомни кучиња, на лица со попреченост. Општина Карпош, но и најголем дел од другите општини овозможија непречено да се одвива наставата и во услови на пандемија, со тоа што обезбедивме средства за набавка на ИТ-опрема. Целосно ги подготвивме и градинките за да продолжи и тука воспитно-образовниот процес.
Кога светот застана, фактички сите увидовме дека локалната самоуправа е онаа „најблиска, најистурена власт до граѓаните“. Оттука, јас искрено се надевам дека оваа пандемија може да биде и лекција од повеќе аспекти. Но во однос на општините се покажа дека треба да бидат повеќе вреднувани, да добијат многу повеќе надлежности и механизми за контрола.

Што ќе издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
– Мене лично, најдраго ми е уредувањето на просторот во рамките на училишниот двор на „Лазо Трповски“. Површина на 11 илјади квадратни метри со децении пропаѓаше, а локалните жители стравуваа дека овој јавен простор ќе се пренамени за градба. Денес тука имаме нови терени за фудбал, баскет, ракомет, фитнес-зона, детско игралиште, клупи и многу зеленило со систем за наводнување. Затоа што и Општината е лоцирана во овој дел, секојдневно кога доаѓам на работа гледам дека овој простор се користи. Доаѓаат млади, баби и дедовци со внуци, родители со своите деца, рекреативци и се создава една убава енергија, еден убав маалски живот по кој Карпош отсекогаш бил препознатлив. Секако, оваа година го финиширавме и Спортско-адреналинскиот парк (кај спортско-качувачката карпа). Паркот уште не е пуштен во употреба, но содржински е завршен и верувам дека граѓаните ќе можат да се рекреираат уште во раната пролет. Овој парк се надоврзува на делот што го исчистивме со Град Скопје, до бунарите на Лепенец, кој претставуваше децениска депонија, а сега е предвидено уредување и на овој простор. Решивме и еден децениски проблем за граѓаните што живеат на улицата Ловќенска 4 во Козле. Направивме санација на свлечиштето, со што се овозможи стабилизација на теренот и поголема безбедност за околните куќи. Многу внимание посветивме и на уредување на маалските зелени површини. Па, така, засадивме нова трева, а се поставија и системи за наводнување во Карпош 1 (на улицата Иван Аговски), Карпош 2 кај Драмскиот театар, Карпош 3 во средишниот и задниот дел на „Лептокарија“, меѓу зградите на улиците Московска и Женевска во Тафталиџе, како и кај воените кули во Долно Нерези. Стандардниот простор пред зградите доби нов лик, со што создадовме уредени маалски паркови. Имавме и повеќе инфраструктурни проекти. Заврши реконструкцијата на поголем дел од улицата Ловќенска 4, пристапните краци од „Вич“ во Карпош 4, паркинг-просторот на Атинска, а Град Скопје ја обнови и Никола Парапунов, дел од булеварот 8 Септември, исто така во тек е и реконструкција на булеварот Никола Карев (од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток).

Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
– И во работниот дел, не само на личен план, сакам да заврши пандемијата затоа што е сериозна пречка за сите нас. И за една година од сега да имаме реконструирана спортска сала „Партизан“ или барем реконструкцијата да биде во полн ек. Деновиве имав работна средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, на која добив потврда дека оваа институција има планирано средства за обнова на салата.

Што ќе посакате за вас и за општината за 2021 година?
– За себе, за моите блиски, но и за сите граѓани ќе посакам добро здравје. И ова не е клише, затоа што 2020 г. е показател дека здравјето и имунитетот се сѐ. Ако сум докрај искрен, а сакам да бидам, ќе си посакам и повеќе слободно време и можност за дружба со блиските. Работните обврски ме спречија во овој дел, а пандемијата ни забрани групирање, па, така, веројатно и природна е оваа моја желба. Сакам Карпош да продолжи напред. Да го задржи еланот и секогаш да се одвојува од другите општини, по проекти, квалитет на животот и урбано живеење. Да се развива плански и повеќе никогаш да не биде „допрен“ од криминал и урбана мафија.

На што ќе се фокусирате во 2021 година?
– Во делот на проекти, како што спомнав и погоре, очекувам да почне реконструкцијата на салата „Партизан“, да го завршиме паркот со Град Скопје (кај бунарите до реката Лепенец) и да започнеме со реконструкција на плочникот во Порта Влае. Секако дека ќе имаме и други проекти по сите населби, но овие би ги одвоил како покрупни, на чија реализација инсистирам. Исто така, продолжуваме со интензивно одржување на хигиената, миење на улиците и сериозни инфраструктурни активности спроведувани од Општината, но и во соработка со Градот и Владата. Општината ќе ги реконструира улиците Париска, Иван Аговски, Гиго Михајловски, Шекспирова и Мирка Гинова. Градот веќе почна со работа на булеварот Никола Карев (делот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин Поток), а во овој дел ќе имаме и кружен тек, со што значително ќе се намали метежот. Наскоро започнуваат и активностите за изведба на новиот мост од улицата Љубљанска (Карпош 4) преку Вардар до клучката кај Бардовци (проект на Град Скопје).

Што ќе им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
– На граѓаните прво сакам да им се заблагодарам за досегашната поддршка и разбирање. Заедно поминавме една исклучително тешка година, во која сепак реализиравме и голем број проекти важни за заедницата. Верувајте дека поддршката, но и секоја конструктивна критика се особено важни во оваа работа, за да имате реална претстава што правите. Тоа што си го посакав за себе и за моите блиски, им го посакувам и на сите граѓани. Да се живи и здрави и во 2021 година да имаат поубави моменти со своите најблиски. Мислам дека сите заслужуваме поспокојна и посреќна година.

[email protected]