Од Министерството за здравство не ја откриваат новата локација каде што ќе биде дислоциран Центарот за зависности во Кисела Вода, додека не го доекипираат тимот од медицински лица
Со децении никако не може да се реши проблемот со дислокацијата на Центарот за зависности во Кисела Вода. Тамошните жители одамна бараат негово преместување, бидејќи не сакаат да бидат сведоци на немилите слики што секојдневно ги гледаат. Зависниците што доаѓаат во центарот често пред нивни очи се боцкаат со игли, напати и полуголи. На ваквите слики не се сведоци само возрасните туку и децата што одат и се враќаат од училиштето „Круме Кепески“. Родителите најмногу се плашат за здравјето на своите деца, бидејќи опасноста демне од расфрланите шприцови и игли на сите страни.
Од куќите во горниот дел на Кисела Вода, на улицата Сава Ковачевиќ, ученици секојдневно поминуваат покрај Центарот за зависности, а објектот е речиси дел од населбата. Зависниците се секојдневно помеѓу локалните жители. Се случувало некој да заскита во нечиј двор. Но тие не се присутни само во Кисела Вода, често се и во дворовите на училиштата и градинките и во другите скопски населби. Овие места ги избираат како скривалишта, за да бидат подалеку од очите на другите. Навраќаат во доцните вечерни часови, а потоа иглите и целокупниот прибор што го користеле го оставаат во дворовите. Рано наутро веќе се тука децата, како во градинките така и во училиштата. Сега е зима и децата се повеќе внатре во објектите, но секогаш има опасност да пофатат некој шприц кога поминуваат.
Жителите од населбата Кисела Вода, кои живеат во непосредната близина на центарот, со години живеат со стравот од евентуална зараза од расфрланите игли и шприцови. Не им помогнаа ниту протестите што ги организираа за да се дислоцира. Токму кога се роди надеж, откако беше одлучено центарот да се премести во општината Гази Баба, тогаш на протест излегоа тамошните жители. Сега од Министерството за здравство не ја откриваат новата локација, додека не го доекипираат тимот од медицински лица што ќе работи во новиот објект.
– Откако беше дефинирано дисперзирањето на Центарот за зависности од Кисела Вода, во текот на целиот овој период се работеше на подготвување на алтернативниот простор, кој е соодветно обезбеден и во кој ќе бидат сместени пунктовите. Подготовките за дисперзирањето се во финална фаза, пунктовите се снабдени со потребниот инвентар и опрема за извршување на дадената дејност. Следната фаза на која се работи во периодов е доекипирање на медицинскиот персонал што ќе работи во пунктовите. Според потребите и во зависност од обемот на пациенти што ќе земаат дневна терапија, планирано е да бидат ангажирани по еден психијатар и медицински сестри – објаснуваат од Министерството за здравство.
Оттаму никако не сакаат да ја откријат новата локација на која ќе се пресели Центарот за зависности, но најважно е таа да биде што подалеку од некое населено место, особено од децата.