Екипите на Градот Скопје денеска ја започнаа реконструкцијата на коловозот на улицата Московска во општина Карпош. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, рече дека ќе бидат реконструирани 690 метри, за што е предвидено да се потрошат околу 8,2 милиони денари. Планирано е градежните работи да завршат за 20 дена.
Тој најави и дека мостот Гоце Делчев денеска и утре ќе биде затворен од 17 часот до 22 часот од ТЦ Мавровка во правец кон Владата за да се изврши реконструкција на мостот.
Во текот на изминатите месеци целосно беа реконструирани улиците Димитија Чуповски, Љубљанска и Антон Димитров, а реконструкцијата е во тек на улиците Февруарски поход, Лазар Трповски, Ѓорче Петров, Лазар Личеноски, Московска и булеварот Партизански одреди.
Градоначалникот Шилегов повторно ги замоли граѓаните за разбирање додека траат градежните активности, бидејќи, како што рече, целта е на крајот во Скопје да имаме функционален, модерен и безбеден сообраќај кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.