По повод Денот на ослободувањето на Скопје, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во рамките на мултимедијалната манифестација „Денови на европско Скопје“, која ќе се одржи од 25 октомври до први ноември 2019 година, во соработка со Градот Скопје распишува конкурс за новинарски текст на тема: „Тебе, граду мој“, со општа насока дека: авторските текстови треба да содржат проблемски, рефлексивни и визионерски аспекти за Градот и да ја афирмираат определбата за европско Скопје, без дневнополитички конотации.

Пристигнатите творби ќе конкурираат за три непарични награди: првата награда – лаптоп сметач, втората – андроид телефонски апарат и третата – андроид телефонски апарат или хард-диск.

Секоја од трите награди мора задолжително да биде доделена меѓу три од пристигнатите текстови.

Критериуми:

-На конкурсот своите текстови можат да ги пријават новинари на медиумите кои се ангажирани во новинарството, било во работен однос, по договор на дело или новинари кои имаат хонорарен ангажман во електронските, во печатените, во радиодифузните (ТВ-канали, радиостаници) и во интернет-медиумите (портали и блогови).

-Текстовите се испраќаат под полно име и презиме (без шифра или псевдоним) и со контактите на кандидатот (назив на медиумот за кој есеистот работи на новинарски задачи, телефон, адреса на е-пошта, придружени кон неговиот потпис. Сите овие податоци се испишуваат еден под друг, на крајната лева страна од самиот почеток на текстот.

-Секој автор може да учествува само со по еден текст.

-Во рамките на темата „Тебе, граду мој“, испратениот текст треба да содржи и сопствен, специфичен наслов.

-Текстот треба да содржи од 400 до 500 зборови (не) сметајќи ги растојанијата, во фонт Times new roman -12 со македонска поддршка.

-Текстовите на други теми, со дневнополитички потходи и оние кои го надминуваат споменатиот обем нема да бидат земени предвид.

-Новинарите од различни етнички припадности есеите можат да ги испратат во верзија напишана на својот мајчин јазик (во фонт Аriel -12, со поддршка на соодветнот јазик) и – во продолжение на истиот фајл – со превод на македонски.

-Есеите се ипраќаат на  адресата на е-пошта: [email protected]

-Краен рок за испраќање на есеите е 5.11.2019 г.

-За резултатите од конкурсот учесниците ќе бидат известени веднаш по донесувањето на одлуката на Комисијата на овој конкурс, пред свеченото врачување на трите наградени трудови.

Наградите кои ќе ги изгласа тричлена комисијата на конкурсот ќе бидат врачени на 20.11.2019 година.

Проектот е поддржан од Делегацијата на Европската Унија.