Загадувањето на воздухот навистина загрижува и мерењата на амбиенталниот воздух веќе се над дозволеното. Општината Аеродром за да ги заштити децата набави прочистувачи за воздух, за секоја просторија во сите детски градинки и за тоа потроши над еден милион денари. На градинките им испорача 83 прочистувачи за воздух, кои филтрираат ПМ-честички, прав, чад, мувла, вируси и бактерии. Градоначалникот на Аеродром тогаш кажа дека грижата за животната средина и борбата за почист воздух се негови лични заложби. Некои од граѓаните се прашуваат дали овие прочистувачи за воздух ќе помогнат многу, кога надвор амбиенталниот воздух ќе биде загаден, со ПМ-честички и јаглерод диоксид, десетпати, а некогаш и повеќе, над дозволеното. Експерти за оваа проблематика тврдат дека основно и генерално за прочистувачите за воздух е тие да вршат замена на воздухот, независно од која марка или производител се. Најважно е тие да го заменуваат внатрешниот со надворешен воздух, односно воздухот да циркулира.
– Општината Аеродром издвои 1.121.121 денари со вклучен ДДВ. Еден прочистувач чини 13.507 денари со вклучен ДДВ – нѐ информираат од општината.Експертите велат дека прочистувачите во нашава земја се присутни од пред две години. Скандинавските земји на пример одамна практикуваат и имаат прочистувачи на воздух во градинките и во училиштата, но во просториите имаат греење и ладење и воздух. Тоа многу повеќе ги подобрува перформансите на учениците, односно нивната концентрација, бидејќи добиениот подобар квалитет на воздухот има повеќе кислород, па учениците можат и побрзо и подобро да пресметуваат, логички да размислуваат.
– Основно за еден прочистувач е тој да врши замена на воздухот. Во просторија каде што престојуваат поголем број луѓе се троши и повеќе кислород и затоа е важна таа концентрација на кислород во воздухот, бидејќи во просторијата тогаш испуштаме воздух со повеќе јаглерод диоксид. Ако се врши замена на внатрешниот со надворешен воздух тогаш квалитетот на еден прочистувач е добар. Доколку не се врши замена на воздухот, тогаш ќе се качува концентрацијата на јаглероден диоксид и луѓето што присуствуваат во просторијата ќе имаат главоболка. Генерално за сите прочистувачи за воздух е важно тие да вршат замена на внатрешниот со надворешен воздух. Дали еден прочистувач може да ги отстрани ПМ-честичките од една просторија постои инструмент со кој треба да се провери. Најпроблематично е со прочистувачите за воздух во зимски услови, кога просториите се загреваат, а надвор температурите се ниски. Уште попроблематично е за квалитетот на воздухот во просториите во кои се пуши. Тогаш попусто се прочистувачи – вели Марко Серафимов, професор на Машинскиот факултет во пензија и експерт за греење и за климатизација.
Во нашите продавници низ градов може да се купат прочистувачи за воздух од различни производители, по најразлични цени и со најразлични перформанси. На пример, прочистувач за воздух за просторија до 45 квадратни метри што прочистува прав, полен, чад, редуцира хемикалии и миризби, чисти првут од миленици и слично може да чини и 20 илјади денари. За разлика од него минијатурен прочистувач на воздух за мал простор од 10 квадратни метри или за автомобил може да прочистува ПМ 2,5 честички, а го прочистува и чадот од цигари до 99 отсто, бактерии, гасови и слично може да чини и околу 3.000 денари. Ако се читаат спецификациите на некои од прочистувачите на воздух ќе се види дека тие имаат и најразлични филтри по квалитет, димензии и слично, како и за тоа кои се прочистувачи за детски соби, спални или дневни соби.
Експертите велат дека растенијата во една просторија можат да бидат многу добри прочистувачи на воздухот, но само кога имаат дневна светлина, бидејќи тогаш вршат фотосинтеза. Но дефинитивно ако прочистувачите не вршат замена на воздухот со надворешен тогаш нема никаков ефект. Од друга страна, пак, актуелните состојби покажуваат дека сега и надворешниот воздух веќе е загаден.