Во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ денеска ќе биде промовиран проектот под слоганот „Паркирај совесно“ што има за цел подигнување на сообраќајната свест и култура на повисоко ниво, зголемување на одговорноста кај најмладите учесници во сообраќајот и укажување на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи.
Овој проект има за цел и да ги едуцира учениците од трета година од средните училишта во Скопје, како најмлади идни активни учесници во сообраќајот, за правилно и прописно паркирање и да ја развие нивната сообраќајна култура и свест за безбедно однесување во сообраќајот, како и стекнување на основни предзнаења за сообраќајот.
Проектот е во организација на јавните претпријатија „Паркинзи на општина Центар“ и „Градски паркинг“ и Министерството за внатрешни работи, а е поддржан од Град Скопје и општина Центар.
На прес-конференцијата ќе се обратат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалниците на Град Скопје и на Центар Петре Шилегов и Саша Богдановиќ и директорите на „Паркинзи на општина Центар“ и на „Градски паркинг“ Васко Кичевски и Борче Јакимовски.