„Комунална хигиена“ соопштува дека собирањето и транспортот на комуналниот отпад што се фрла во контејнерите од понеделник до петок ќе се одвива во прва и во втора смена, заклучно со 19 часот, додека за време на викендот само во прва смена – заклучно со 14.30 часот. Различни се термините во централното градско подрачје и во населбите
Состојбата со коронавирусот, воведувањето на мерките за изолација на граѓаните, како и воведувањето на полицискиот час битно влијаеја и на динамиката со која сега скопските комуналци ќе ги празнат полните контејнери и другите садови во кои се собира комунален смет. Досега камионите поминуваа еднаш во денот за да можат ѓубреџиите да ги испразнат контејнерите и двапати во неделата да го соберат ѓубрето од кантите во индивидуалните домаќинства во населбите каде што има куќи. Камионите за собирање на ѓубрето се слушаа доцна во ноќта, дури и по 24 часот. Отсега ќе поминуваат двапати дневно, со последен термин најдоцна до 19 часот, што значи дека граѓаните дотогаш треба да го фрлат домашниот смет во контејнерите.
Скопјани претходно мораа да внимаваат на термините за одложување на ѓубрето испишани на налепниците на контејнерите, а тие беа различни во секоја населба, односно општина. Јавното комунално претпријатие апелираше термините да бидат запазени и ѓубрето да не се фрла откако ќе поминат камионите, па контејнерите да стојат полни до наредниот ден. И сега треба да се внимава ѓубрето да се фрла пред да поминат камионите со вработените во првата или втората смена, а особено во викенд-деновите кога сметот се собира малку порано. Инаку, и сега од ЈП „Комунална хигиена“ апелираат сметот да се фрла во контејнерите, а не покрај нив.
Посебно треба да се нагласи потребата граѓаните да внимаваат како и каде ги фрлаат употребените заштитни ракавици и заштитните маски. Препораките и од „Комунална хигиена“ и од медицински стручњаци се тие да се одложуваат во садовите за смет уредно спакувани во најлонски ќеси. На тој начин превентивно се дејствува да се спречи масовното ширење на заразата со коронавирусот. Нормално е градот да очекува неговите жители да го чуваат своето здравје, но и здравјето на своите соседи и сограѓани.
Жител од општината Чаир ни обрна внимание дека некои граѓани навистина се невнимателни при фрлањето ѓубре, кое останува надвор од контејнерите, иако комуналците си ја работат работата и сега двапати во денот ги празнат, барем таму каде што живее тој, на улицата Павле Илиќ.
– Секоја чест на докторите, полицијата, касиерките, медицинските сестри и други, ама и за дечкиве во целава оваа ситуација што го чистат нашето ѓубре – пишува Даниела Јовчева на една од социјалните мрежи.
Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека мораат да функционираат во рамките на актуелнава состојба со справувањето со коронавирусот.
– Во согласност со препораките и посебните мерки воведени од страна на Владата, во претстојниот период собирањето и транспортот на комуналниот отпад што се фрла во контејнерите од понеделник до петок ќе се одвива само во првата и во втората смена, заклучно со 19 часот, додека за време на викендот само во првата смена – заклучно со 14.30 часот. Апелираме до граѓаните својот комунален отпад да го фрлаат уредно спакуван и исклучиво во поставените садови, а не во нивната околина или на други јавни површини, за да се спречи евентуалното создавање диви депонии – нагласуваат од „Комунална хигиена“.
Оттаму додаваат дека за динамиката на собирање на комуналниот отпад во индивидуалните домаќинства се прави распоред според потребите, а за претходната динамика веќе биле известени некои од општините. Општина Ѓорче Петров веќе објави и на својата веб-страница соопштение за граѓаните да знаат како и кога се собира комуналниот отпад.
– Во согласност со новиот работен распоред на ЈП „Комунална хигиена“, поради вонредната состојба и мерките за забрана за движење, комуналниот отпад од домаќинствата на територијата на општината Ѓорче Петров од страна на ова претпријатие ќе се подигнува во деновите понеделник, вторник и среда, односно првиот ден од досегашниот редовен распоред, во периодот од 7 до 13 часот. За да не се појават нејаснотии, доколку сметот досега бил подигнуван во понеделник и четврток, отсега тој ќе биде подигнуван единствено во понеделник – стои во информацијата на општинската страница на Ѓорче Петров, испратена од ЈП „Комунална хигиена“.