Градските власти информираат дека продолжува акцијата за доделување субвенции за чистење на оџаците со цел намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.
И годинава е објавен јавен повик за субвенционирање домаќинства и други субјекти на подрачјето на главниот град за чистење оџаци за 2019 година. Со овој повик, Град Скопје надоместува дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците во износ од 1.000 денари. На јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.
Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември 2019 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2019 година.
Граѓаните повеќе информации за јавниот повик и за условите за аплицирање можат да добијат на Интернет-страната на град Скопје.
– Целта на овој проект е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците – се вели во соопштението од Град Скопје.
Оваа мерка има цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, појава на саѓи и трошоците за затоплување, како и подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата за чистење на оџаците.
Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 година, кога беа доделени 269 субвенции.