Поради загадување на воздухот и надминување на утврдниот праг на информирање на ПМ10 честичките над 100 микрограми на метар кубен во текот на два последователни дена на минимум две мерни станици во Скопје, градоначалникот на Град Скопје упатува препораки до населението.
Од Град Скопје препорачуваат граѓаните да избегнуваат користење на возила; да се користи јавниот превоз; рано наутро и доцна навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено; за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал; да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци; печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот; редовно да се чистат оџаците; да се одложат сите активности на отворено и да се почитува забраната за дотур на роба во централното градско подрачје во периодот согласно со издадените одобренија од Градот Скопје.
Овие препораки, информираат од Град Скопје, градоначалникот ги објавува во согласност со Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во која е дефиниран прагот на информриање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 µg/m3 во текот на два последователни дена на минимум две мерни станици во Град Скопје) и добиеното соопштение за надминување на прагот на информирање од Министерството за животна средина и просторно планирање.