Автобуски станици, дрвја, ѕидови од згради, бандери, заштитни огради од градилишта, се само мал дел од местата каде што стојат залепени рекламните постери на политичките партии. Граѓаните забележуваат дека и покрај тоа што низ градот има поставени специјални рекламни паноа наменети за политичко рекламирање, политичките партии требало малку повеќе да внимаваат за да ги испочитуваат однапред утврдените правила на игра, па симпатизерите што имаат задача да го „украсуваат“ јавниот простор со партиски декор и да лепат плакати, да не го прават тоа на секое слободно место што ним им се чинело како соодветно за тоа…
И во ова предизборие јавниот простор, сепак, под опсада на партиски рекламни и пропагандни материјали
Иако првиот круг од изборите помина, сепак останува за приближно две недели да се заокружи и вториот круг, за кој се очекува политичката кампања да биде уште позаострена и повжештена. Сето тоа значи и одново делење, па и расфрлање со летоци, пропагандни материјали, лепење изборни плакати низ градот… И веќе „од авион“ се забележува дека политичките партии требало малку повеќе да внимаваат за да ги испочитуваат однапред утврдените правила на игра, па симпатизерите што имаат задача да го „украсуваат“ јавниот простор со партиски декор и да лепат плакати, да не го прават тоа на секое слободно место што ним им се чинело како соодветно за тоа. Изборни хартиени плакати со лицата на кандидатите се распаѓаат на автобуските станици, висат искинати на дрвјата… И не само што се создава дополнителен смет, не само што се нагрдува животната средина туку промоторите како и да ги девалвираат „ликот и делото“ на своите кандидати, да бидат оставени, расипувани и уништувани од забот на времето, без разлика дали тие победиле или загубиле на изборите или разочарале…
ПОЛИТИЧКИ ПЛАКАТИ и нивни остатоци ДЕМНАТ ОД СИТЕ СТРАНИ
Автобуски станици, дрвја, ѕидови од згради, бандери, заштитни огради од градилишта, се само мал дел од местата каде што стојат залепени рекламните постери на политичките партии. Граѓаните велат дека и покрај тоа што низ градот има поставени специјални рекламни паноа наменети за политичко рекламирање, политичките партии не ги испочитувале однапред утврдените правила на игра, па симпатизерите и оние што како дел од активностите во предизборието имале за задача да лепат плакати, го направиле тоа на секое слободно место што им се чинело соодветно за тоа.
– Во битката за глас повеќе, политичките партии воопшто не покажуваат соодветно ниво на култура. Многумина од партиите во своите предизборни ветувања имаа застапено и зелени програми, односно ветувања посветени на животната средина, а ниту една од партиите не покажа загриженост за плакатите закачени насекаде, кои се распаѓаат и ја загадуваат животната средина. Не верувам дека користеле еколошки хартии што се биоразградливи, туку е користена пластифицирана хартија со многу големо количество боја. Тоа тешко се распаѓа во природата, а ниту еден од членовите на партиите за кои изборите веќе завршија, не поминаа на местата за да ги откачат плакатите – вели Теодора Трајановска.
За граѓаните е апсурдно ваквото однесување на политичките партии. Смешно и жално е со месеци, па и години да стојат предизборни плакати на автобуски станици и на дрвја.
– Еве автобуската станица во Бутел 2 целата е залепена со плакати. Не знам која партија е, но сепак е политичко рекламирање. Дрвјата во паркот во близината на Општина Чаир исто така се залепени со изборни плакати. Деца поминуваат ги кинат, ѓубрето останува на земјата расфрлано, а често и во атмосферската канализација. Сите знаеме како изгледа затната атмосферска канализација, а сега е период кога сѐ почести ќе бидат врнежливите денови – вели Марија Христовска.
ДОЛЖНост е да се собере СМЕТОТ ОД рекламните материјали
Градските власти велат дека рекламните паноа наменети за политичко рекламирање на партиите се поставуваат токму со намена да се избегнат ваквите состојби и потенцираат дека можат да ги санкционираат лицата што лепат плакати на места што не се наменети за тоа.
– Во насока на надминување на овие состојби, Град Скопје ги поставува овие паноа, со цел постери и плакати со политичка содржина да не се лепат насекаде и да се нагрдува градот.
Ние и општините, со нашите градски и општински редари можеме да ги санкционираме лицата за лепење плакати на несоодветни локации на јавни површини (столбови, ѕидови, банкини, врати од огради и објекти…), каде што во согласност со повеќе членови од Законот за јавна чистота, казниво е лепењето плакати на кое било јавно место, освен на места определени за таа намена, а глобата изнесува 50 евра – информираат од Градот.
Оттаму додаваат дека дополнително, постојат и повеќе уредби во согласност со Изборниот законик, каде што самите учесници во изборите и политичките партии мораат да ги отстранат сметот и остатоците од плакатите во рок од 30 дена од завршувањето на изборите.
Последново речиси никогаш не се реализирало, ако се земе предвид фактот што предизборни плакати уште од минатите избори стојат на некои локации пожолтени од сонцето и искинати од наносот на времето. Таа глетка е навистина жална, поаѓајќи од фактот дека се работи за луѓе, личности, авторитети во одредена област, што во одреден момент имале својство на кандидат за извршување јавна функција. Оставени на забот на времето, но и на други несовесни граѓани, партиите како и да ги девалвираат „ликот и делото“ на своите кандидати, без разлика дали тие победиле или загубиле на изборите или разочарале…