Вчера претпладне, на последниот училишен ден за оваа учебна година, првачињата од прво 4 одделение во ООУ „Ј.Х.Песталоци“, во скопската општина Центар, на приредбата под ведро небо, во школскиот двор, покажаа што се научиле и колку порасниле.

– Децата се уште незнаат да читаат, да пишуваат мали букви, ни печатно ни ракописно, ниту латиница, со ретки исклучоци, но рецитираат, зборуваат слободно, пеат, кажуваат цели реченици, учат текстови напамет и со тоа на сите ни докажаа дека се умни главчиња – велат наставничките Билјана Лукановска, Емилија Иванова Андоновска и Даниела Такашманова.

 

А сите ученици заедно: Ане, Бобо, Мила, Андреј Д, Леонид, Евгенија, Андреј Т.,Бојана, Ноа, Пане, Маркијан, Марио, Фреја, Методиј, Ива, Веда, Стефи, Иан, Томи, Илин и Бахар, разиграно и весело пред родителите ја прикажаа својата втора завршна приредба оваа учебна година.

– Во текот на првото и второто полугодие учениците учеа, се забавуваа, другаруваа и учествуваа во две воннаставни активности – приредби, едната по повод завршувањето на првото полугодие, која ја прикажаа онлајн и втората,вчерашната, по повод завршувањето на првото одделение. Сите деца во соработка со родителите работеа напорно за време на подготвувањето на премиерата, со цел да бидат што подобри, а на самата приредба преку неколку прекрасни точки тие пред публиката се прикажаа во најдобро светло – велат наставничките, кои исто така вложија многу труд и љубов во нивното воспитување и образување во изминатиот период.

Вчера, исто така беше одбележан и патронатот на ООУ „Ј.Х.Песталоци- Скопје“. Токму затоа учениците од ова оделение приредбата ја отворија со химната на училиштето. Најпрво водителите: Пане, Евгенија и Бахар ги поздравија присутните, а потоа сите ученици во хор на сет глас ја пееја химната и училишниот двор ечеше. Потоа следуваа песната за азбуката, песна на англиски јазик и на крајот учениците весело го одиграа и „мајмунскиот танц“. Во одјавата сите им се заблагодарија за присуството на гостите и посакаа: „Среќно и весело лето. Се гледаме во второ одделение“! Следеше бурно ракоплескање и многу пофалби и воодушевување.

Активноста беше подржана од директорката на училиштето Катерина Атанасова.