При интервенциите пожарникарите наидуваат на многубројни пречки
Во пожарот во Кисела Вода беше спречена поголема трагедија, беа спасени деца и стари луѓе во непристапната зграда поради тоа што во објектот беше узурпиран секој слободен простор. Станарите не се ни свесни дека со оставените шкафови, стари фрижидери, машини за перење и сл. во влезовите, како и велосипеди по катовите, можат да ги оневозможат пожарникарите да пријдат побрзо во случај на опожарување на стан
Со натчовечки напори и брза интервенција на пожарникарите беше изгасен пожарот во зградата на улицата Народни херои, број 23, во населбата Кисела Вода. Беше спречена поголема трагедија, беа спасени деца и стари луѓе во непристапната зграда поради тоа што во објектот беше узурпиран секој слободен простор. Материјалната штета допрва ќе се утврдува, а четворица пожарникари и четворица станари се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија. Еден од пожарникарите доби изгореници на раката, но е во добра здравствена состојба, додека другите примаат соодветна терапија затоа што вдишале чад.
Речиси при секоја интервенција на пожар, пожарникарите наидуваат на пречки кои ги успоруваат во работата. Паркирани возила, преполни влезови со стари предмети се првите пречки. Најчесто и во најголем број од станбените згради хидрантите не функционираат, велат пожарникарите.
Хидрантските сандачиња се празни и никој не знае каде завршиле хидрантските црева, а најчесто таму каде што има чешми тие не функционираат или ги нема вентилите. Евидентно е дека за тоа заедниците на станари не покажуваат многу грижа, а директно инволвираните во проблемите при гасење на пожарите тврдат дека се потребни подобри законски решенија и поголем ангажман на инспекциските служби во однос на ова прашање. Искуството на пожарникарите зборува дека при гасењето пожари често пати пристапот до опожарениот објект им е оневозможен, пред сѐ, од паркираните автомобили поради кои не можат да влезат противпожарните возила. Дополнителен проблем за да пристапат до опожарените станови, како што беше и во Кисела Вода, се надградбите на станови на покривниот дел, од каде што исто така немаат приод. Станарите не се ни свесни дека со оставените шкафови, стари фрижидери, машини за перење и сл. во влезовите, како и велосипеди по катовите, можат да ги оневозможат пожарникарите да пријдат побрзо во случај на опожарување на стан. Исто така, во гаражните или во подрумските подземни простории станарите складираат материјал кој во услови на пожар ослободува токсични материи. Сето ова ја отежнува евакуацијата на станарите. Користењето на противпожарните скалила како остава за предмети кои не се користат исто така е причина да се отежнат работите во вакви случаи, особено ако станува збор за повеќекатници. Паркираните возила ја намалуваат пристапноста и во населбите каде што има индивидуални куќи, но и тесни улички преку кои не може ниту да се влезе ниту да се стигне до опожарениот објект.
– Во нашата секојдневна работа се судруваме со многу пречки. Еве, во случајот со гаснењето на пожарот во Кисела Вода, најголем проблем ни беше тоа што влезот беше буквално блокиран со оставени шкафови и друг мебел по катовите. Струјата е исклучена и во такви услови не можеме да гледаме каде газиме, бидејќи влегуваме со ламби. Паркираните возила пред станбената зграда исто така ни беа проблем, како и многупати досега. Затоа во такви услови треба да проработи свеста кај станарите и веднаш да ги отстранат своите автомобили, да не чекаат да дојдат од Пајак-службата, бидејќи губиме драгоцено време. А при гасење на пожар се знае, секоја минута е важна за да се спаси нечиј живот и имот. Исто така, во зградата не работеа ни чешмите, па оттаму ќе кажам дека е многу важно станарите да си ги поправат чешмите и вентилите и да си ги опремат катовите со хидранти. Завчера два хидранти во зградата во Кисела Вода ни завршија многу работа. Не посакуваме да се случи пожар, но никогаш не се знае каде ќе избувне и затоа секогаш е важен пристапот во влезовите за побрзо да се изгаснат пламените јазици – вели Влатко Симоновски, командант на скопската противпожарна бригада.
Пожарите никој ниту ги посакува, ниту, пак, може да ги предвиди. Она што граѓаните можат е да ги исчистат влезовите од непотребни предмети. Пожарникарите особено порачуваат станбените згради преку своите станбени сервиси да си набават хидрантски црева и да ги оспособат хидрантите. Тие се многу важни и затоа секој објект мора да ги има, а нивната цена е околу 2.500 денари за еден кат.