Оваа тема е една од најболните за главниот град. Скопје не може да се пофали со голем број јавни тоалети, а уште помалку и со нивната чистота и безбедност за користење. Под наша ингеренција се само три јавни тоалети, од кои два се лоцирани во Градскиот парк (еден во првиот и еден во вториот дел), како и тоалетите под мостот „Гоце Делчев“. Одржувањето на овие три тоалети ги врши јавното градско претпријатие „Паркови и зеленило“, информираат од Градот

Јавните тоалети болна точка на главниот град

Секоја европска метропола има по десетина јавни тоалети што им се достапни на жителите и туристите, во зависност од големината на градот, но и од атрактивноста за туристички посетители. Само Белград има повеќе од десетина, додека поголемите европски градови имаат повеќе од 20 јавни тоалети што им се достапни на посетителите во секое време за извршување на физиолошките потреби. Рим има 57 јавни тоалети, Копенхаген 31, Минхен 20, а Скопје има само три јавни тоалети отворени за граѓаните.
Иако, за волја на вистината, за користењето на јавните тоалети во Европа се наплаќа одредена паушална сума што се движи од 25 до 50 центи. На многу места јавните тоалети се бесплатни, но според стандардите, во нив најчесто нема тоалетна хартија и средство за миење на рацете, односно тоа се производи што посетителите треба да си ги обезбедат сами.
Цирих и Стокхолм се наоѓаат на второто и третото место по чистотата на јавните тоалети во светот, додека првото место му припаѓа на јапонскиот град Токио.

СКОПЈЕ ИМА САМО ТРИ ЈАВНИ ТОАЛЕТИ

Оваа тема е една од најболните за главниот град. Скопје не може да се пофали со голем број јавни тоалети, а уште помалку и со нивната чистота и безбедност за користење.
Трите достапни јавни тоалети во метрополата се лоцирани во централното градско подрачје. Од нив, два се во Градскиот парк, еден во првиот и еден во вториот дел од паркот. Третиот е лоциран под мостот „Гоце Делчев“.
Она што можеби е најтрагично е состојбата на јавните тоалети, кои најчесто се руинирани, воопшто небезбедни за користење и тоа е така, за жал, поради крајно несовесното однесување на посетителите, кои воопшто не внимаваат на хигиената при користењето на тоалетите.
– Имав неколку обиди да влезам во еден од трите јавни тоалети во градот, меѓутоа кога и да се обидам да влезам, сликата ме згрозува. Тоалетна хартија е расфрлана насекаде, фекалии има насекаде по подот, реата е ужасна… во такви услови не ни помислувам да влезам. Мизерно е ова што како граѓани си го правиме самите на себе. Наместо уредно да ги чуваме тоалетите, ние ги уништуваме, а да бидеме реални, јавните тоалети ни се потребни на сите – вели Сузана Колевска.
Според неа, не треба да чуди зошто многумина од граѓаните ги вршат своите физиолошки потреби каде што ќе стигнат, бидејќи тоалетите воопшто не ги задоволуваат основните стандарди за користење.
– Под мостовите, по подзатскриените места во градот, се шири реа токму поради тоа што граѓаните ги реализираат физиолошките потреби на тие места, бидејќи јавните тоалети едноставно не можат да се користат – вели таа.

Голем број од граѓаните воопшто не ни знаат дека во Скопје има три јавни тоалети. Велат дека никогаш не се информирале за тоа, ниту пак прашале ниту пак знаеле.
Градските власти велат дека во согласност со Законот за Град Скопје, јавните тоалети се во ингеренции на општините во градот.
– Во согласност со Законот за Град Скопје, со кој се прави разграничување во ингеренциите меѓу градот и општините, во градот јавните тоалети се во ингеренции на општините, па оттаму за одговори на најголемиот дел на вашите прашања треба да се обратите таму – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека под нивна надлежност се трите погореспоменати јавни тоалети.
– Под наша ингеренција се само три јавни тоалети, од кои два се лоцирани во Градскиот парк (еден во првиот и еден во вториот дел), како и тоалетите под мостот „Гоце Делчев“.
Одржувањето на овие три тоалети ги врши јавното градско претпријатие „Паркови и зеленило“ – информираат од Градот.

ЈАВНИ ТОАЛЕТИ НЕМА НИТУ ВО ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ

Како една од најфреквентните градски општини, која има најголем број посетители, е централната градска Општина Центар. Бидејќи речиси сите атрактивни локации и случувања се случуваат токму во оваа општина, логично е оваа општина да има најголема покриеност со јавни тоалети.
Граѓаните сметаат дека оваа состојба мора да се смени. Велат дека централното градско подрачје мора да им стави на граѓаните и туристите на располагање јавни тоалети.
– Ова е центарот на градот. Тука се речиси сите јавни институции, тука се организираат јавни настани, тука е плоштадот, тука се најатрактивните локации во градот. Во согласност со тоа, нормално е да има голема потреба за јавни тоалети, кои, за жал, ние ги немаме. Тоа мора да се смени. Надлежните мора да ја сменат таквата слика за градот. Ако се стремиме да бидеме туристички атрактивни, ова е првото нешто што мора да го направиме – вели Љупчо Трпковски.
Најчести жртви во случај кога некој турист или жител на градот има потреба да посети тоалет се угостителите. Велат дека постојано добиваат молби за користење на нивните тоалети.

– Најчесто минувачи што имаат одредена физиолошка потреба влегуваат и нѐ замолуваат да ги користат нашите тоалети. Не ги одбиваме бидејќи сепак тоа е нешто што не се контролира. Како и да е, нам не ни е обврска да го правиме тоа, но сакаме да им излеземе во пресрет на граѓаните – вели угостител од центарот на градот.
Сепак, за жал, иако под општинска ингеренција, сепак центарци и посетителите немаат ниту еден јавен тоалет на располагање, доколку се изземат оние три што се под надлежност на Градот.
– Општина Центар за оваа година нема предвидено набавка на јавни тоалети, кои би се поставувале на специфично зададени локации низ централното градско подрачје. Во секој случај, во Општината се размислува за поставување јавни тоалети и доколку сѐ се одвива според предвидената динамика за работа, постои можност веќе наредната година да биде предвидена нивна набавка и поставување онаму каде што тоа е најпотребно – велат од Општина Центар.

[email protected]