Евидентни се сликите од расфрлано ѓубре, лименки, шишиња, хартии од собиранки на младите, но и од повозрасни посетители на Водно, парк-шумата Гази Баба и на Градскиот парк. Надлежните служби ревносно чистат, но не можат да постигнат да исчистат онолку колку што граѓаните можат да загадат со механички отпад. Помладите сограѓани предничат со своите неодговорни постапки. Психолозите имаат свои објаснувања за агресивноста и непочитувањето на природата од страна на младите лица
Апел до младите за повисока свест заради заштита на нашата животна средина
За време на пандемијата на коронавирусот, многумина скопјани, по препораката за дружби на отворено, ја користат секоја можност за социјализација на отворено и во природа. Можеби и токму затоа периодов најпосетени се планината Водно, особено Средно Водно, парк-шумата Гази Баба и Градскиот парк. Но она на што во повеќе наврати бевме сведоци со нашите „новинарски екопатроли“ е евидентното несоодветно однесување на некои граѓани, кои зад себе оставаат расфрлано ѓубре, догорчиња, лименки, пластични и стаклени шишиња, хартии. Со секое наредно осамнато утро, навистина се застрашувачки глетките од ноќните собиранки на младите луѓе. Попусто надлежните комунални служби секојдневно „се борат“ со сметот на теренот, но граѓаните се уште поупорни со своите нееколошки постапки.
Изминативе денови слики со ѓубре од споменатите локации во изобилство се појавија и по социјалните мрежи како предупредување. Дури имаше и фотографија од последици на вандалско однесување во парк-шумата Гази Баба, каде што е уништен еден видиковец. Исклучително е загрижувачки што ваквите појави се повторуваат кај граѓаните.
– Посетителите на парковите, јавните површини и излетничките места се должни, во согласност со законот, сите отпадоци да ги фрлаат во канти за оваа намена. Доколку не се придржуваат до тоа, следуваат соодветни казни (во согласност со Законот за комунални дејности, Законот за јавната чистота, Одлуката за комунален ред во Град Скопје). Во летниот период, поради зголемената фреквенција на движење и посетеност на овие локации, јавните претпријатија засилено чистат и ги празнат контејнерите и кантите во утринските часови. Нашите редарски служби се константно на терен и ги контролираат парковите и јавните површини, додека во случајот со Водно поради пристапноста понекогаш е потешко да интервенираат.
Последен извештај е оној за целата 2019 година, според кој комуналните редари на Град Скопје поднеле 1.602 записници против прекршителите, за што следува соодветна глоба од по 3.000 денари. За споредба, во 2018 година биле поднесени 882 записници, што значи дека годинава имаме двојно повеќе казни од страна на ова одделение на Градскиот инспекторат – објаснуваат од Град Скопје.
И парк-шумата Гази Баба е посебно заштитена област во Градот и во негова надлежност, односно на ЈП „Паркови и зеленило“. Самата парк-шума секојдневно има ревносна редарска служба, која се грижи за паркот и редовно го одржува и го чисти.
– Општина Гази Баба помага преку своето комунално претпријатие ЈКП „Гази Баба“ во овие активности за зачувување на парк-шумата. За жал, сведоци сме на повеќе немили настани, одредени граѓани свесно и намерно ги повторуваат постапките за уништување на поставената опрема. Во овој период на неколку наврати се поставија нова опрема, нови реквизити за вежбање и за одмор на посетителите, но, за жал, неколкупати дел од таа опрема се крши, а имавме и случај кога летниковец беше и запален. Општината и Град Скопје покрај редарската служба и инспекторите, на терен се координираат и со полицијата, која исто така особено во овие денови кога во сила се мерките за заштита од коронавирусот има позачестени контроли на парк-шумата.
Што се однесува до аспектот на едукацијата, Општина Гази Баба (заедно со детските градинки) пред да почне пандемијата, започна системска акција за подучување на децата уште од најмала возраст за зачувување и грижа за животната средина, а како дел од активностите на градинките е план и за посета на парк-шумата. Општина Гази Баба подготви и посебна стратегија за јакнење на свеста кај жителите во Општината за животната средина, која заедно со невладиниот сектор ќе биде реализирана. Таа кампања има цел едукација на децата и учениците, но и на повозрасните граѓани, за да дојдеме заедно до посакуваниот резултат, а тоа е зелена Општина Гази Баба – велат надлежните од Општина Гази Баба.
Од неодговорни граѓани, најчесто млади, страдаат и парковите во населбите, а од Општина Карпош потврдуваат дека и тие се судираат со ваквата појава. За да се превенира ваквото однесување на поединци и групи, Општината презеде и соодветни мерки.
– Општина Карпош со зголемени контроли ги одржува општинските паркови и одржувањето на јавното зеленило. За прекршителите што ќе бидат фатени на самото место како фрлаат отпадоци, догорчиња и друг отпад се изрекува парична казна од 50 евра во денарска противвредност, на самото место. Освен тоа, во континуитет работиме на едукација на младите во текот на целата учебна година, дури и во предучилишните установи, градинките, се разбира кога работат. Инаку во едукацијата интензивно соработуваме со невладините и граѓанските организации – појаснуваат од Општина Карпош.
Психолозите потврдуваат дека станува збор за „ослободување на енергијата, која треба соодветно да се канализира“
Психолозите велат дека младите секогаш биле категорија што по дефиниција е „бунтовничка“ и се обидува своите пораки и ставови да ги искаже низ различни видови асоцијални или антисоцијални однесувања.
– За четири месеци не можеме да ги научиме на нешто, ако го немаат како домашно воспитување. Некогаш во училиштата имаше час по хигиена на кој меѓу другото се учеа основните нешта за лична хигиена. Нешто што сега го немаат во образованието. Децата порано носеа сапунчиња и „пешкирчиња“ на училиште за да можат да ја одржуваат личната хигиена, а кога доаѓаа дома родителите ги учеа веднаш да си ги измијат рацете. Сега нешто што е најбитно ни е пласирано како основна хигиенска мерка, а всушност треба да е дел од нашето секојдневно живеење.
Целокупната состојба во општеството и не само сега во ова време на пандемија е израз на некаков своевиден протест на младите, против родителите, општеството, против многу нешта. Тоа е своевиден начин на изразување на насобрана негативна енергија во нив, која некогаш младите ја празнеа преку секојдневно задолжително спортување. Ова што го прават во природата е експериментирање во својата слобода кога се во група и во одредени случаи преминува во хулиганство, поради различни причини, од различни побуди агресијата да се истура врз општествените добра – објаснува психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.
Таа вели дека луѓето се незадоволни од многу нешта во општеството, од она што се случува околу нив.
– Морам да кажам дека евидентно е ниско нивото на свесност кај луѓето за значењето на природата. Кај младите имаме покажување незадоволство, маката на душата ја изразуваат на еден сосема погрешен начин, тоа е таканаречено автодеструктивно однесување. Природата да се полни со ѓубре е како да си ја сечете гранката на која седите. Има многу такви примери кај луѓето, се плука на улиците, на кои утре ќе поминат нивните деца, ѓубрето се остава во влезот, кој е и нивен влез или се фрла од прозорец, пред зградата што е нивна зграда во која живеат. Всушност ваквото однесување е слика и прилика на сево ова што се случува околу нас. За жал, луѓето се незадоволни од многу нешта, тие се неемпатични, немаме дури ни убав однос човек кон човек, ни недостига нешто во образованието, нешто во медиумите, во многу сегменти. Тоа внимание, најпрвин еден кон друг, треба да биде во коренот на нашето живеење – вели психологот Мирјана Стојановска-Јовановска.