Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска присуствуваше на започнувањето на градежните работи за реконструкција на булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае во Карпош.
На овој дел од булеварот, со вкупна должина од 835 метри, целосно ќе биде отстранет стариот коловоз и ќе биде нанесен нов асфалтен слој. Исто така, ќе се заменат оштетените шахти и ќе се нивелираат постојните, а ќе се заменат и сите оштетени рабници.
За реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“, како што информира Шилегов, Град Скопје ќе издвои околу 19 милиони денари.
– Градот Скопје ја почна реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ на потег од мостот „Обединети Нации“ до кружниот тек со улицата „Ацо Шопов“ во должина од околу 850 метри. Со цел работите побрзо да се одвиваат и што е можно помалку да им го отежниме движењето на граѓаните додека се врши реконструкцијата, градежните активности се поделени на две фази и ќе ги вршат две различни компании – изјави градоначалникот Шилегов.
Тој апелираше до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот, истовремено замолувајќи ги за разбирање во потешкотиите во одвивањето на сообраќајот до завршувањето на реконструкцијата.