Градот Скопје денеска почна да ја отстранува првата од трите галии во коритото на реката Вардар, а станува збор за онаа што беше поставена во непосредна близина на хотелот „Холидеј ин“.

Демонтажата ќе ја вршат екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните неколку недели, и тоа на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата во својство на должник во извршната постапка. Увид во активностите за отстранување на овој објект денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

– Станува збор за целосно демонтирање, вадење прво на движните ствари кои што се наоѓаат внатре, а потоа демонтажа и на самата галија. Со ова, како континуитет на политиките што јас ги креирам како градоначалник, започнуваме со поизразено расчистување со криминалниот и подмолниот проект „Скопје 2014“. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави кои може да нанесат сериозна материјална штета и да ги загрозат животите на скопјани – рече градоначалникот Шилегов.

Тој се заблагодари на граѓаните за покажаното трпение, зашто заради правните постапки и процедури се доцнеше со отстранувањето на галијата.

– Одлучив така да работиме, зашто ваквото отстранување на галијата нема да претставува никаква финансиска опасност за Градот, дури и отстранувањето што ќе го вршат „Улици и патишта“ ќе биде на сметка на фирмата корисник – објасни Шилегов.

Според студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготви УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.


Миленковски: Уривањето е незаконско, не постојат долгови кон градот

Управителот на фирмата „Сервис АД“ Жарко Миленковски во допис за медиумите тврди дека галијата „Среќа“ се урива нелегално и нема никакви долгови кон градот. Тој наведува дека бродот е изграден со пари од приватен инвеститор државјанин на Република Бугарија, а за случајот информирани се бугарската амбасада и Европската Унија.

– Не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи дека правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, се ‘ уште е на сила. Во тек се два судски предмети, од коишто за едниот утринава беше одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука. Судот трпи огромен притисок да не донесе времена мерка како би се спречило настанување на штета. Затоа една судијка веќе се откажа а други две веќе неколку месеци не носат решение, се со цел да му се дозволи на Градоначалникот да изврши рушење, т.е. да направи штета, а потоа да се води судски спор – се наведува во дописот до медиумите.

Миленковски додава дека Компанијата која управуваше со галијата бара да и’ се гарантира правото на фер судење без мешање и притисок од градоначалникот Петре Шилегов.

– Во текот на целата пандемија имаме пратено неколку писмени барања до Град Скопје на кои ниту еднаш не добивме одговор. Се повикавме на член 9 од договорот каде што изрично е пишано дека Град Скопје ќе овозможи непречено функционирање на објектот. Не добивме никаков одговор. Плативме се’ 100% и по една недела добивме инфорѓација дека еднострано е раскинат договорот – се додава во дописот на Миленковски.