Почна изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, на потегот од раскрсницата со булеварот „Словенија“ и улицата „Македонска косовска бригада“ до раскрсницата со улиците „Бутелска“ и „Кемал Сејфула“, а како што соопштија од Град Скопје за проектот ќе бидат издвоени 150 милиони денари.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов наведе дека постојната улица „Босна и Херцеговина“ е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет и широка е само седум метри, посочувајќи дека улицата ќе прерасне во нов модерен булевар што ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри.
– Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме како еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ – истакна Шилегов.
Градоначалникот на Град Скопје посочи дека новиот булевар ќе има по три коловозни ленти во двата правца, петметарски зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни.
– Нашата заложба е Скопје да го добие ликот како што е замислен во плановите. Ретко е во исто време во Скопје да се градат два нови булевари, два сосема нови сообраќајни коридори, а во моментов паралелно се гради втората фаза од новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел – додаде Шилегов.