Потрошувачите на топлификацијата „Скопје Север“ повторно се без парно и мрзнат. Како што нѐ информираа од топланата, испорачателот на гас „Макпетрол пром-гас“ повторно им ги затворил вентилите и испораката на гас е прекината додека не им биде обезбедена парична гаранција. Сега претпријатието и општината Чаир си ја префрлаат вината, бидејќи од топлификацијата „Скопје Север“ не ги добиле парите за уплатата на месечната рата од заостанатиот долг за месецов, додека, пак, од општината Чаир велат дека денес-утре ќе извршат уплата и ратата за декември ќе биде уплатена во банките.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вчера рече дека повторното затворање на вентилите за дотур на гас до топлификацијата „Скопје Север“ е во согласност со договорот за снабдување. Додаде дека за ова претпријатие да се спаси од пропаѓање веројатно треба да се решава на повисоко ниво.
– Со ребалансот на буџетот Владата издвои за општините 7,5 милиони денари и тие пари наскоро треба да легнат на сметките на општините, па тие ќе можат да решат дел од проблемите – вели Беслимовски.
Од Чаир, пак, повторно се со тврдење дека уплатите на заостанатиот долг ги вршат редовно.
– Во случајов топлификацијата „Скопје Север“ нѐ обвинува нас, а ние со договорот сме обврзани да извршиме уплата најдоцна до петти во месецот и сега треба да платиме рата за декември. Но тоа не го амнестира претпријатието од одговорност, бидејќи ги остави сите потрошувачи без греење, затоа што топланата е во тешка економска состојба, се бори за опстанок и нема резервни средства да го плати гасот од снабдувачот за цела грејна сезона. Тие пари од нашата уплата не им се доволни – вели Куштрим Ала, портпаролот на општината Чаир.
Од општината Бутел, пак, информираат дека тие не се должници, но бидејќи се на иста мрежа приклучени кон системот, вчера останале без греење градинката „11 Октомври“ и основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“, во кое вчера не држеа настава. Без греење беше и детската градинка „Снежана“ од Топанско Поле.