Високите летни температури веќе се актуелни, а во приватните и неклиматизирани автобуси речиси е незамисливо да се патува. Иако на граѓаните им се сугерира повеќе да го користат јавниот градски превоз, за да се намали загадувањето поради овие состојби тие се одвраќаат од намерата. Никој не сака да влезе во градски автобус и до крајната дестинација од него да излезе како од сауна. Уште полошо е кога возилата се преполни со препотени патници, кои се борат да дојдат до воздух. Приватните автобуси ги возат вработените на приватните претпријатија „Макекспрес“ и „Слобода превоз“. На некои автобуски линии возат исклучиво приватниците, па граѓаните и немаат избор за да чекаат на постојките друг автобус, пропуштајќи го претходниот. Така, на пример, на линиите со броевите 19, 20, 22, 52 и 54 возат исклучиво автобусите на „Макекспрес“ и оние граѓани што секојдневно се возат на овие линии не само што немаат избор туку се и дискриминирани во однос на некои свои сограѓани.
Можеби и затоа со право реагираат и бараат чисти и климатизирани автобуси и од нивните населени места или, пак, како што велат, нека размислат одговорните од градот, па нека им дозволат да се возат по пониска цена. А ова велат дека е можно и има такви примери во некои европски градови. Така е и во некои германски градови, таму каде што возат автобуси со повисоки еко-стандарди и цената е повисока, а ако се со пониски, тогаш граѓаните што го користат нивниот превоз плаќаат и пониска цена.
– Да, навистина, ако имаме пониски стандарди во јавниот градски превоз, тогаш треба и да плаќаме пониска цена. Вака плаќаме сите исто, а не добиваме еднакви услови и стандарди во јавниот градски превоз. За едни чисти и климатизирани автобуси, дури и електрични, а за други стари и валкани возила, во кои се задушуваме – коментираат некои граѓани.
Од приватното претпријатие „Макекспрес“ признаваат дека возилата се неклиматизирани, но велат дека и заработката им е никаква за што било да обноват или да променат во возилата. Обвинуваат дека градот многу средства пренасочува за јавното сообраќајно претпријатие, додека приватните превозници добиваат само по едно евро од извозен километар. Додаваат дека тоа не им е доволно ниту за одржувањето на возниот парк.
– Во некои наредни години можеби ќе се бориме и за климатизирање на автобусите, но сега се такви какви што се. Повеќето се возила на „Мерцедес“ и на „Ман“, но иако немаат клима-уреди, овие автобуси имаат одлична вентилација и, еве, ги возиме веќе девет години. За жал, ова е еднотарифен систем, со кој ние не добиваме ништо и нашата заработка досега е апсолутна нула, така што едвај опстојуваме. Од даноците што ги плаќаме сите ние, ЈСП купува нови автобуси, а ние со сопствени пари што не ги заработуваме треба да купиме сѐ. Нашите барања за одредени измени во функционирањето на работите ги процесиравме до новата власт, а побаравме и нова повисока цена од километар. Морам да кажам дека месечниот извештај досега покажува дека ние, приватните, имаме 98 отсто извозен возен ред, на ниво на Јапонија, Швајцарија, што значи одлично ги опслужуваме патниците. ЈСП нема ниту 70 отсто, ама затоа ги добива сите привилегии. За жал, поставеноста е катастрофална, бидејќи врз нас се вршат тортури и притисоци – се пожали Војо Велевски, еден од сопствениците на „Макекспрес“. С.К.