Недоволната искористеност на енергетскиот потенцијал е причината за одлевање на топлинската енергија од домовите. Според центарот за енергетска ефикасност „Мацеф“, голем број домови губат од 25 до 35 проценти од топлинската енергијата преку недоволно изолираните покриви. Тоа, пак, значи трошење повеќе енергија за загревање, струја, дрва, нафта…
Кога би ги додале недоволната изолација на ѕидовите, подот и прозорците овој процент од едно до друго домаќинство варијабилно расте. Мал процент на домовите се енергетски ефикасни, затоа од истата причина при нивно затоплување губат значителен дел од топлинската енергија. Последните истражувања укажуваат дека 90 проценти од ПМ-емисиите доаѓаат од домаќинствата. Доколку се пристапи кон зголемување на енергетската ефикасност на индивидуалните домови, ќе се намали потрошувачката на енергијата, но и ќе се влијае на загадувањето на воздухот, велат експертите за енергетска ефикасност.
Според Агенцијата за енергетика на Република Македонија, во последната деценија, порастот на потрошувачката на енергија е двапати зголемена. А принципот на енергетската ефикасност претставува користење на помалку енергија, без да се намали квалитетот на живеењето. Експертите велат дека енергетската ефикасност треба да ги засега и граѓаните, но и општините.
Од глобален аспект користењето на огревното дрвото е лошо за животната средината при што се намалуваат зелената површина и природните прочистувачи на воздухот.
Дрвото, кога се споредува со јагленот, претставува поеколошка варијанта што помалку загадува. А за загадувањето на воздухот во Скопје, како најголем виновник се посочува употребата на огревното дрво за затоплување како главен ресурс во домаќинствата. Кога би се пристапило кон подобро изолирање на домовите, би се намалило користеното количество на огревното дрво. Од друга страна, кога дрвото би го споредиле со пелетите што се прават од дрвните остатоци, тие минимално загадуваат, а имаат и повисока енергетската вредност од дрвата. За да се намали потрошувачката на енергија и да се овозможи поголема енергетската ефикасност, од „Мацеф“ препорачуваат енергетско ефикасни уреди како топлотните пумпи и печките на пелети.
– Топлотните пумпи, односно инвертер-климатизерите, преку една надворешна единица може да се постават три внатре, кои би затоплувале 3 различни соби. Пелетите најмалку загадуваат, а имаат поголема енергетска вредност од дрвата. Овој вид затоплувања се енергетско ефикасни, но и се поеколошки – вели Даниела Трпковска, машинска инженерка и сертифицирана енергетска контролорка од „Мацеф“.
Градот Скопје има програма за енергетска ефикасност. Според „Програмата за енергетска ефикасност 2018-2020“, тој мора да ја следи потрошувачката на енергија во општините и во нивните објекти, во јавното осветлување, јавните претпријатија и транспортот и мора да реализира тригодишен план за енергетска ефикасност. Се разгледува потрошувачката на енергијата и се прави просечна потрошувачка, која понатаму се оптимизира доколку постои можност. Дел од планот за енергетска ефикасност на градот е замената на старите со нови енергетско ефикасните фасади на средните училишта во Скопје. Со потпишување на „Парискиот договор за климатските промени“ Македонија се заложи за намалување на загадувањето. Сепак, зголемувањето на енергетската ефикасност во домовите претставува скапа инвестиција за самите граѓани. Социјалната слика, односно сиромаштијата и енергетската сиромаштија одат заедно. Токму затоа на граѓаните им се потребни субвенции за да си овозможат поголема енергетска ефикасност на домовите.
– Луѓето се свесни дека се потребни поголеми мерки за енергетска ефикасност. За еден дом во основа да е енергетски ефикасен потребно е да има добро изолирани под, прозорци, покрив и ѕидови. Доколку се изолирани како што треба, се подобрува системот за греење. Ако нема изолација на подот можеби нема да се губи топлотна енергија преку него, но ќе се внесува ладна енергија. Граѓаните претежно пристапуваат кон менување на прозорците и изолирање ѕидовите, а покривот и подот најчесто го изоставаат. Преку покривот се губи околу 25 до 35 отсто енергија. А покривот претставува поскапа инвестиција, но и поголем зафат за граѓаните. За да можат да го обноват својот покрив, секако, им е потребна помош од општината или од градот. Експертите сметаат дека субвенционирањето ќе биде далеку полесно доколку се формира фонд за енергетска ефикасност – вели машинската инженерка Даниела Трпковска.
Загадувањето веќе ги плаши граѓаните
Енормното загадување на воздухот веќе ги плаши граѓаните, а социјалните мрежи зовреа од коментари на оваа тема, бидејќи надлежните ништо не преземаат.
– Во моментов Ново Лисиче и Аеродром смрдат на смрт – гласеше еден пост на социјалните мрежи.
Според мерните станици, во Аеродром на трети декември беше измерено 231 микограм на кубен метар за ПМ 2,5 честичките, кои претставуваат најопасни честички поради нивната големина. Мерната станица во Ново Лисиче е нефункционалната веќе два месеца. Затоа истиот период загрижени граѓани направија екопатрола, и во близината на станбениот простор „Џеваир“ во Лисиче измерија 517 микрограми на кубен метар за ПМ 2,5 честички и 541 микограм на кубен метар за ПМ 10 честичките. Инаку, максимално дозволена граница на ПМ 2,5 честичките, според стандардите на Европската Унија, изнесува 25,0 микрограми на кубен метар. Според мерните податоци, се забележува дека во населбата Аеродром се надминува вредноста речиси за девет пати, а во населбата Ново Лисиче се надминува вредноста нешто повеќе од 21 пат загадување од максимално дозволените количества за ПМ честичките.
Надлежните со препорака: Воздухот е загаден, да се седи дома
Поради надминатиот праг на вредностите на штетните честички во воздухот, да не се излегува без потреба и да се користи јавен превоз се главно препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање до населението. Тие доаѓаат како резултат на утврдената вредност од 100 микрограми на кубен метар во текот на два последователни денови. Во препораките исто така се вели возилата да не се користат без поголема потреба и повеќе лица да се возат со едно возило во исто време.
– Да не се користат за затоплување на просториите прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ-амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материја, како и правилно да се користат печките за дрва – се вели во препораките од Министерството за животна средина.
Оттаму наедно информираат дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Македонија препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор за најранливата популација меѓу кои се децата, старите лица, болните од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма, но и за лицата што својот професионален ангажман го вршат на отворен простор во загадените зони на градот.