Бутелчани и граѓаните што се упатуваат за влез или излез кон скопската општина Бутел никако да се спасат од сообраќајниот метеж. Ако претходно беше проблем недовршеното пробивање на улицата Христијан Тодоровски-Карпош, сега отежнат проток на возила има поради веќе започнатите градежни работи на изградбата на атмосферската канализација на улицата Александар Урдаревски. Веќе се гради на потегот од кружниот тек во Бутел до улицата Бутелска и на еден дел од тој потег тамошните жители ниту пеш не можат да поминат за да стигнат до пазарчето во Бутел.
Поради градежните машини и блоковите со кои е затворен коловозот, бутелчани се принудени да се движат повеќе од другата страна на сообраќајницата. Изградбата на атмосферската канализација е проект на градот Скопје, кој се реализира во соработка со општината Бутел. Градежните работи, како што велат од општината Бутел, ќе се изведуваат во две фази. Првата фаза е на делницата од кружниот тек на влезот во Бутел до семафорите, а работите ќе траат триесетина дена. Втората фаза, пак, ќе биде на делницата од семафорите кај пазарчето до објектот на Прокредит банка. Градежните работи ги изведува компанијата „Јубај“, а вредноста на проектот изнесува 11,8 милиони денари.
Од општината велат веќе ги информирале граѓаните дека ќе биде променет режимот на сообраќај, а градоначалникот Велимир Смилевски им упатил и апел за разбирање и трпеливост додека траат градежните зафати. За тоа време, додека се работи на коловозот на Александар Урдаревски, сообраќајот во Бутел се одвива по улицата Хо Ши Мин, преку улицата Цетинска или, пак, преку новата делница на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош и улицата Натанаил Кучевишки. Новопробиената сообраќајница сега е навистина помошен сообраќаен вентил, кој, секако, го растоварува сообраќајниот калабалак, кој е многу помал во однос на оној на Бутелска, кога сѐ уште се работеше на кракот на Христијан Тодоровски-Карпош. За граѓаните, пак, што се упатуваат кон Градските гробишта и општината Чучер Сандево, сообраќајот се одвива преку улицата Боца Иванова до кружниот тек и обратно. Поради новонастанатата ситуација на сообраќајниците, деновиве дел бутелчани се прашуваат има ли крај на градежните зафати на овој потег од општината. Пред повеќе од една деценија, кога се градеше улицата Бутелска, бутелчани не можеа да се спасат од прашината во летниот период, ниту, пак, имаа мир од градежните машини. Тогаш се обнови само фекалната канализација, но не и атмосферската. Затоа граѓаните со право прашуваат до кога вака една улица се раскопува по неколкупати наместо наеднаш да се изградат сите подземни инсталации и канализации.
– Бидејќи се отвори кракот на Христијан Тодоровски-Карпош, сега е многу полесно. Од улицата Натанаил Кучевишки се излегува на новиот булевар, а оние што сакаат пократок пат сега додека траат градежните работи можат да возат по улицата Хо Ши Мин, па да продолжат по Цетинска, од Цетинска потоа се излегува на Бутелска и на Христијан Тодоровски-Карпош. Иако се работи на Александар Урдаревски, сепак едната лента од коловозот е функционална, а на другата се копа, иако првичната замисла беше да се затвори целиот коловоз на улицата. Од градежната фирма имаа разбирање и, за да не се создаде уште поголем метеж, се согласија да работат првично на еден дел од коловозот – објасни Снежана Клинчарова, портпаролка на општината Бутел.
Од градот пак велат рокот на изведба на градежните зафати, во согласност со потпишаниот договор, изнесува шест месеци, но во согласност со договорената динамика очекуваат да завршат порано.
– Минатиот месец градот Скопје, во соработка со општината Бутел, почна со градежни активности за изградба на атмосферска канализација на улицата Бутелска, на потег од улицата кај „Солопром“ до раскрсницата со улицата Александар Урдаревски, каде што треба да се поврзе со канализацијата на оваа улица. Зошто не е поставена атмосферската канализација претходно е прашање за претходните раководства – велат од градот Скопје.