Во периодот јануари – мај 2019 година се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година
Низ градот често може да се забележат преполни канти за ситен отпад, кои се поставени крај тротоари или закачени на бандери, а разни отпадоци како најлонски ќесиња и догорчиња има и надвор од кантите. Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ велат дека тие не се одговорни за нивна замена и поставување, туку само за празнење на кантите. Слична е реакцијата и на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Од градот Скопје велат дека изминатиот период биле поставени 400 нови канти за отпадоци и дека четирикратно е зголемен бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година.
– ЈП „Паркови и зеленило“ е надлежно за чистење на кантите во парковите под надлежност на градот Скопје: Градскиот парк, паркот Жена-борец, Рајскиот парк, паркот Ѓорче Петров, паркот Македонија и паркот Чаир. Има барања од граѓаните за поставување нови или за заменување на искршените и дотраени канти. Ние сме надлежни само за чистење и празнење на кантите, а не за нивна замена и поставување. Ние немаме надлежност да казнуваме, тоа го прават инспекциските служби во општините и градот Скопје – велат од „Паркови и зеленило“.
Сличен став има и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје. Малите канти за отпадоци ги поставува градот Скопје, а „Комунална хигиена“ е задолжена само за некои од нив, кои се на јавните површини. За кантите за ситни отпадоци, кои се поставени во сервисни улички, се задолжени општините.
– Ние сме одговорни за 1.366 канти за ситни отпадоци, кои се наоѓаат на јавните сообраќајни површини, кои се под ингеренција на јавното претпријатие. Зависно од локацијата се одредува фреквенцијата на чистење на овие садови. Пример, поради големата фреквенција, улицата Македонија и централното подрачје се чистат почесто. На овие локации по 3 пати на ден се собира отпадот – велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Како одговорни за замена и поставување нови канти за ситни отпадоци, претпријатијата го посочуваат градот Скопје и општините. Од градот Скопје велат дека тие се одговорни за поставување канти за отпадоци во поголемите паркови, кои се во надлежност на ЈП „Паркови и зеленило“, како и јавните површини што се под нивна надлежност како булеварите и магистралните улици и пешачките патеки покрај нив. Додаваат дека истите тие редовно се одржуваат и заменуваат, но, за жал, тие се честа цел на уништување од страна на несовесните граѓани.
– Градот Скопје и јавните претпријатија редовно ја одржуваат урбаната опрема и ја заменуваат кога истата таа е оштетена. Динамиката се врши зависно од состојбата на терен, поточно може да се заменат поединечно неколку оштетени канти или клупи, а може да бидат акциски заменети и поставени поголем број нови клупи и канти одеднаш. Во изминатиот период во голема акција се поставени 400 нови канти за отпадоци во парковите и јавните површини што се во наша надлежност. Токму во насока на заштита на урбаната опрема и кантите за отпадоци, изминатиов период Инспекторатот на градот Скопје врши засилени активности на терен во насока на спречување на оваа појава и санкционирање на сторителите.
Во периодот јануари – мај 2019 година се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година, кога биле изречени 149 мандатни казни – велат од градот Скопје.
Сепак, целосната вина не може да се префрли само врз несовесните граѓани, од една или од друга причина може да се заклучи дека во градот нема доволно канти за ситни отпадоци, велат граѓаните. Освен граѓаните и туристите, кои сакаат да го посетат градот, ја забележуваат оваа ситуација и таа не остава добра слика за градот.
– Третпат доаѓам во Скопје и можам да кажам дека не е променета ситуацијата многу. Сакам да пешачам и сметам дека има што да се види во градов. Но, при моите прошетки скоро и да не наоѓам канти каде што ќе можам да ги фрлам отпадоците. Во центар имам забележано канти за отпадоци. Исто и во Градскиот парк забележав ама сметам дека треба да има повеќе. Особено во вечерните часови забележав дека се создава многу ѓубре во Градскиот парк и кантите за ситни отпадоци се преполни – вели туристката Аниа Ошчегда.