Тешка сообраќајна несреќа се случи завчеравечер на булеварот Србија во населбата Ново Лисиче, во која на пешачки премин беа прегазени баба и нејзината тригодишна внука, а дедото, пак, заврши со полесни повреди. Возило „пикап“ со велешки таблички удрило во нив додека тие минувале на пешачкиот премин. Повредените баба и внука со тешки телесни повреди беа пренесени во болница, а шеесет и едногодишната жена не се избори за живот и вчера почина. Оваа случка не е единствена од овој вид во Скопје, бидејќи се случувало да бидат прегазени и минувачи на пешачки премини. Се вози брзо и во алкохолизирана состојба и под дејство на психотропни супстанции и воопшто не се почитува предимството на минување. На скопјани сѐ уште им е свежо во сеќавањето прегазувањето на новинарката на МРТВ на пешачкиот премин на улицата Васил Ѓоргов кај ТЦ „Зебра“, кога возачот со својот автомобил заврши во фризерница во која само пред пет минути си беше заминале фризерката и нејзината ќерка. Статистиките покажуваат дека токму на овој начин многумина го загубиле животот, а некои од повредените останале и со траен инвалидитет.
Полициските статистики покажуваат дека само во 2017 година има 1.652 сообраќајни несреќи што завршиле со потешки последици.
Податоци на „Еуростат“ за 2016 година покажуваат бројки за патни несреќи во кои имало смртни случаи на милион жители. Романија има 36 фатални несреќи и го држи највисокото место по настрадани пешаци, додека, пак, Холандија го држи најниското место со 3 настрадани пешаци во фатални несреќи. Нашата земја со 2 милиони жители, според Министерството за внатрешни работи за 2016 година, има 35 загинати пешаци, со што во споредба со наведените земји имаме средна вредност по починати пешаци. Податоците говорат дека земјава има потреба од подобрување и зголемување на безбедноста во сообраќајот. Секојдневните искуства укажуваат дека граѓаните не се чувствуваат сигурно кога се на скопските улици.
– Кога поминувам улица на пешачки не ретко се случува во моментот кога сакам да поминам, да видам како одредени автомобили забрзуваат за да поминат пред мене. И се разбира затоа што не ми се умира млад морам да застанам. Морам да ги пуштам иако имам предност како пешак, сметам дека тоа не е во ред но нашата култура е таква, посилниот победува. Моите искуства во Полска на пример покажуваат дека само што ќе стапне пешакот на пешачки, се чека првин тој да помине и тоа строго се внимава на пешаците – вели Александар Антевски од Скопје.
Според официјалните информации од МВР за 2017 година, во Македонија имало 948 настрадани пешаци од кои 186 добиле тешки повреди. Несовесните возачи им го загрозуваат животот на учесниците во сообраќајот, но ранливите групи како старите лица и децата се изложени на најголем ризик. Големите брзини, користењето недозволени супстанции, немањето сообраќајна култура се најчестите причини поради кои настануваат поголемиот број сообраќајни несреќи.
Бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од возачи во алкохолизирана состојба изнесува 300 за 2017 година. А вкупниот број на загинати лица во сообраќајни несреќи за 2017 година изнесува 155. Овие бројки ни укажуваат дека е потребно зголемување на сообраќајната свест и сообраќајната култура, бидејќи само така може да се намали бројот на сообраќајни несреќи.
– Кога се шетав низ Полска и низ Холандија бев зачуден од нивната сообраќајна култура. Јас сум навикнат кога ќе пристапам кон пешачката зона да се вртам со поглед лево и десно и чекам автомобилите да поминат. Така сум навикнат и така се поминува пешачки во Скопје. Треба да начекаш момент кога ќе можеш да поминеш или случајно ако некој те пушти па да поминеш. А кога ќе поминеш треба да му дадеш пофалба зашто те пуштил. На моите патувања во Ротердам се вчудовидов кога сакав да поминам пешачки премин. Дојдов до пешачкиот и почекав малку. Не бев свесен дека во тој краток момент сите автомобили застанаа за мене. Тие чекаат јас да поминам, а јас па навикнат да ги чекам нив – вели Марика Петровска од Скопје.
За намалување на овој вид непожелно однесување и издигање на свеста кај граѓаните Бирото за јавна безбедност постапува по утврдените планови и програми и во континуитет спроведува воспитно-едукативни акции и кампањи во насока на подигање на нивото на знаењата за сообраќајната етиката и сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот. МВР на 11 септември одржа посебна воспитна мерка, поточно сообраќајна поука на која присуствуваа граѓани учесници во сообраќајот што сториле прекршоци по разни основи во својство на возачи (мобилен, појас, престројување и брзина). За зголемување на безбедноста на пешачките премини, Авто-мото сојузот на Македонија периодов спроведува анализа за да се утврди колку се безбедни пешачките премини околу училиштата. Ќе ги оценуваат пешачките премини за да се утврди колку се безбедни улиците и пешачките премини околу училиштата во Скопје. Преку испитувањето ќе прави процена колку ѕвезди имаат улиците, од кои една ѕвезда е зона со најголем ризик за пешаците, а зоната со пет ѕвезди е зона што ги исполнува сите критериуми за безбедност во сообраќајот.