Статистиките на Министерството за внатрешни работи за оваа година, до крајот на август, покажуваат дека во земјава шест пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи, додека 205 лица завршиле со телесни повреди, од кои 61 со тешки телесни повреди
Ништо не се променило ниту годинава, лошите навики и ниската сообраќајна свест кај учесниците во сообраќајот повторно се честа причина за сообраќајни несреќи. Преголемата брзина со која се вози по градските улици, недавањето предност на пешаците, како и недисциплинирани возачи и пешаци во одредени ситуации, се само некои од причините поради кои пешаци страдаат во сообраќајот. Само во изминатиов период имаше неколку сообраќајки во кои настрадаа пешаци. Статистиките на Министерството за внатрешни работи за оваа година, до крајот на август, покажуваат дека шест пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи, додека 205 лица завршиле со телесни повреди.
Повеќето од учесниците во сообраќајот не ги почитуваат сообраќајните правила. Во сиот тој сообраќаен хаос некако пешаците се најранлива и најризична група учесници во сообраќајот. Тие се поподложни на повреди и нивниот живот е во поголема опасност, отколку на другите учесници во сообраќајот. Последните податоци од МВР покажуваат дека годинава 61 пешак завршиле со тешки телесни повреди, а минатата година се случиле 108 сообраќајни незгоди во кои пешаци добиле тешки телесни повреди.
Со оглед на тоа што речиси стана практика да се вози со преголема брзина, често не се почитуваат и сообраќајните правила и се вози под дејство на алкохол, речиси секојдневно по градските улици е ставен во опасност животот на пешаците. Еден од последните примери е сообраќајката што се случи на 13 септември на улицата Белградска во Скопје, во која настрада четиригодишно дете. Детето било пешак, а во него удрило патничко возило, при што тоа добило телесни повреди и било пренесено во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Истиот ден комбе удри во жена, која исто така доби тешки телесни повреди. Ваквите сообраќајки речиси постојано се евидентираат во билтените на МВР.
– Од почетокот на годината заклучно со 31.8.2019 на подрачјето на градот Скопје се случиле 205 сообраќајни незгоди во кои учествувале пешаци, а во изминатата година се случиле 380 сообраќајни незгоди во кои учествувале пешаци – велат од МВР.
Според „Студијата за анализа на безбедноста на ранливите категории учесници во патниот сообраќај во Република Македонија“ од 2017 година направена од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата најголем процент, дури 87,8 отсто, од сообраќајките настануваат од управувано возило. Исто така, според ова истражување, најголем број незгоди со настрадани пешаци се случуваат од 16 до 18 часот и од 12 до 14 часот. Периодот од 16 до 18 часот е време на враќање од работа, додека периодот од 12 до 14 часот е време на враќање од училиште, во претпладневната смена, и одење на училиште во попладневна смена. Фактот дека пешаците се многу ранлива група учесници во сообраќајот, која често страда, укажува на потребата за издигање на сообраќајната свест кај учесниците во сообраќајот.
Одговорното управување со возилата од страна на возачите и свесното и одговорно движење на пешаците се клучни за безбедно учество во сообраќајот. Само на тој начин може да се обезбеди сигурност на улиците и патиштата за нормално движење, функционирање и извршување на секојдневните обврски на сите учесници во сообраќајот.