Некои скопјани не престануваат да се жалат на каснувањата од комарци и поставуваат прашање со какво средство прскаше летово градот Скопје и колку е тоа ефикасно. Од Службата за дезинсекција, дератизација и дезинфекција, пак, сметаат дека треба да се зголеми опфатот на територијата за дезинсекција во Скопје
И покрај тоа што веќе се реализираше петта фаза од авионското прскање против комарци, а започна и прскањето од земја, комарци сѐ уште има. Има и скопјани што се жалат на каснувањата од овие инсекти и токму тие и поставуваат прашање со какво средство прскаше летово градот Скопје, бидејќи комарците не угинуваат, е колку употребеното средството е ефикасно, ако тие сѐ уште напаѓаат. Во своите коментари многумина го доведуваат во прашање квалитетот на средството за прскање, бидејќи истото тоа не ги уништува ниту мушичките што во роеви се појавуваат над застојани води. Други, пак, тврдат дека комарци воопшто не виделе. Од градот, пак, се со потврда дека средството со кое се прскало ги има сите потребни одобренија и документи од Министерството за здравство.
– Во согласност со програмата за дезинсекција на територијата на градот Скопје, оваа година се реализира редовното прскање против комарци. Прскањето се врши од земја и авионски со средството „Aqua K – Othrine ew2“, кое ги има сите потребни одобренија и документи од Министерството за здравство за користење во нашата земја.
Договорите се склучени со три странки и тоа: „Транспорт аероклуб Скопје“ ДОО Чучер Сандево за спроведување на авионското прскање, со Центарот за јавно здравје – Скопје за спроведување на теристично прскање и со друштво за производство, трговија и услуги „Приматекс Бранка“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје за набавка на хемиското средство – велат од градот Скопје.
Оние што ја познаваат областа врзана за дезинсекцијата на комарците тврдат дека не може да се истребат сите комарци и не може да нема комарци и покрај дезинсекцијата што ја реализира градот. Велат дека покрај толку зеленило, застојани води, садови со застојана вода за цвеќе оставено по гробиштата, не може да се спречи тие да не се размножуваат. Од друга страна, пак, препаратот се раствора со вода, која бргу испарува на високите температури. Колку е препаратот попријатен за луѓето толку е и за комарците. Возилото што прска од земја не може да ги помине сите улици, и на оние места до кои не може да се стигне се прска авионски, како парк-шумата Водно, езерото Треска, реката Вардар… Препаратот со кој се прска е контактивен препарат и тој мора да дојде во допир со комарецот. Од Службата за дезинсекција, дератизација и дезинфекција (ДДД-служба) имаат потврда дека за дезинсекцијата градот користел одлично средство, но, секако, комарците не можат целосно да се истребат.
– Заврши петтата авионска и ларвицидна дезинсекцијата што ја врши градот, а штотуку започна петтата теристична дезинсекција. Можам со сигурност да тврдам дека средството со кое се прска е одлично и дозата се почитува според препораките на Светската здравствена организација. Но не можат сите комарци да се истребат, може само да се намали нивната популација. Истово средство би требало да ги уништи и мушичките што се појавуваат на површински води. Па, нели, секогаш има апел пчеларите да ги заштитат пчелите, бидејќи и тие можат да настрадаат од средството за дезинсекција. Но со дезинсекцијата се уништуваат само потенцијалните жаришта на комарците, онаму каде што тие најмногу можат да се размножуваат за што се опфатени кејот на Вардар, Градскиот парк, гробиштата во Бутел, но не и другите гробишта каде што најмногу има застојани води, во садовите со вода за цвеќе на гробовите. Можеби затоа градот треба да го зголеми опфатот на површината за дезинсекција, бидејќи колкава површина опфаќа толку пари издвојува за дезинсекција. Тука можеби треба да се вклучат и граѓаните, кои многу малку се едуцирани и би требало да знаат дека и тацните под нивните саксии со цвеќиња можат да бидат потенцијални жаришта за развој на комарците, па затоа е подобро во нив да ставаат песок. Токму затоа Центарот за јавно здравје изработи леток, кој ќе им биде поделен на граѓаните за да можат да се информираат на кои начини можат и тие да дадат свој придонес – вели Николина Соколовска, инженерка агрономка во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција.
Граѓаните, исто така, треба да знаат дека освен колективните мерки и тие можат да преземат индивидуални мерки, како на пример да го отстранат сиот отпад што може да задржува влага.
Еднаш годишно и граѓаните треба да бараат ДДД-служба
Од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција велат дека граѓаните до нив се обраќаат само кога имаат проблем, независно дали станува збор за присуство на глодачи или лебарки во нивните домови. Но за да не дојде до алармантни состојби, особено во колективното домување, потребно е барем еднаш годишно да се изврши дезинсекција, дератизација и дезинфекција особено на подрумските простории во колективните станбени згради. Од службата велат дека тоа и не чини многу пари, на годишно ниво изнесува околу 500 денари од стан. За жал, граѓаните немаат навика да го прават тоа, па оттаму велат дека можеби е добро наместо заедниците на станари, фирмите што ги одржуваат зградите да побараат дератизација, дезинсекција и дезинфекција, а ова да им биде законска обврска што сега ја немаат. Можеби Законот за домување треба да добие дополнување токму за оваа проблематика, сметаат од Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција.