Компанијата „Пакомак“ објави конкурс за избор на најеколошки градоначалник и општина, а на првоизбраната општина ќе ѝ додели модерно детско игралиште направено од еколошки материјали. Игралиштето ќе биде поставено на локација, која ќе биде договорена во соработка со општинските власти. Идејата да се поведе ваков вид иницијатива е да се издигне и развие еколошката свест кај граѓаните, но и кај градоначалниците за селектирање на отпадот. Европските директиви наложуваат дека отпадот од пакувањето мора да се селектира и рециклира, а Македонија до 2020 година ќе мора да се заложи 60 отсто од отпадот од пакувањето од целата држава да заврши на рециклирање.
– Ангажираноста на локалната самоуправа околу амбалажниот отпад, со чест на исклучоци, е на најниско можно ниво. Доколку не се преземе нешто од наша страна за ова прашање наскоро во согласност со европските директиви ќе ни биде поставено како еден од проблемите што ќе мора да ги решиме за да се интегрираме во Европската Унија. Со ова темпо од страна на надлежните органи тешко би било да се оствари оваа одредба и ќе треба да плаќаме пенали – вели Ико Брдароски, менаџер за грижа за корисниците од „Пакомак“.
„Пакомак“ веќе објави конкурс за избор на најеколошки градоначалник и општина за 2018 година. Изборот ќе се изврши во јануари 2019 година, а право на учество имаат сите урбани и рурални општини во земјава. Како што велат од компанијата, ќе се валидираат резултатите на сите пријавени општини за сработената работа во 2018 година и ќе се одреди која општина има собрано најголемо количество селектиран отпад од пакување. Од компанијата сметаат дека овој конкурс е од особено значење за издигнување на нивото на еколошка свест во Македонија.
– Им препорачуваме на градоначалниците и на општините да се пријават и да се заложат за екологијата со личен пример и да докажат колку им е важно оти нивната општина ги исполнува еколошките стандарди што ги наложува ЕУ. Не е само да се засадат дрвцата и толку. Дрвјата не го чистат ѓубрето. Решавање на проблемот со отпадот од пакувањето и со другиот отпад може да им донесе дополнителни приход на општините. Граѓаните ќе можат да прават правилна селекција на отпадот само откако општините ќе им создадат услови. За да им се помогне на општините во овој аспект тука е „Пакомак“. Кога-тогаш решавањето на проблемот со отпадот на локално ниво ќе биде важен чинител дали еден градоначалник ќе остане на власт или не, нешто што е практика во некои блиски европски земји – објаснува Брдароски.
Во нашата земја немаме фабрика за рециклажа, нашиот сортиран отпад како стакло, хартија и пластика се извезува во соседните земји, Грција, Србија и Бугарија. Иницијативата на „Пакомак“ нема да го реши овој проблем и проблемот со отпадот без учество на државата и доследна имплементација на законот за отпад од пакување, кој е направен по европски модел. Од компанијата велат дека ваквите видови проекти и иницијативи се потребни за обезбедување и воспоставање подобра кооперација со јавните комунални претпријатија, а со тоа тие би си ја извршувале работата попрофесионално и по највисоки стандарди, што велат не е случај во реалноста.
– Нашата цел е да изразиме поддршка и почит за оние позитивни примери помеѓу градоначалниците, кои во својата општина им даваат предност на еколошките проекти, ги планираат и реализираат. За нас секое најмало вложување и постапување во насока на заштита на животната средина значи голем чекор напред кон еколошките реформи што треба да ѝ се случат на нашата земја, но пред сѐ во секоја општина поединечно – вели Филип Ивановски, извршен директор во „Пакомак“.