Закупците на тезги ќе протестираат десет дена и секој ден ќе ја блокираат улицата Кирил и Методиј по час или два, сѐ до исполнување на нивните барања. Доколку не добијат позитивен одговор, ќе преземат порадикални мерки. Од ЈП „Паркинзи на општина Центар“ апелираат до нив да ги прифатат новите мерки
Закупците на тезги на зелениот пазар со затворањето за сообраќај на улицата Кирил и Методиј го изразија своето незадоволство од зголемувањето на цените за паркирање. Тие вчераутро, излегувајќи на протест на паркингот кај „Макпетрол“, побараа враќање на старите цени, односно, наместо сегашните 70 денари за час, и натаму да плаќаат по 40 денари. Тие велат дека сега им се зголемени и месечните карти за паркинг, и тоа двојно, па така, наместо поранешните 800 денари, од септември 2019 година плаќаат по 1.500 денари.
Сега, освен за пазарџиите, зголемувањето на цената за паркирање од час важи и за купувачите, а тоа директно ќе влијае и врз нивната заработувачка, па на крајот од денот ќе им излезе дека го поминале денот без заработка. Исплашени се дека сега посетеноста на пазарот ќе се намали. И купувачите негодуваат за зголемувањето на цената за паркирање од час. Пазарџиите се решителни, нема да отстапат од своето барање за враќање на првобитните цени и ќе протестираат десет дена, секој ден ќе ја блокираат улицата по час или два до исполнувањето на нивните барања. Велат дека доколку не добијат позитивен одговор од ПОЦ, ќе преземат порадикални мерки.
Од ЈП „Паркинзи на општината Центар“, во реакција испратена до медиумите, изразија жалење за незадоволството што вчера го манифестираа пазарџиите од зелениот пазар. Апелираат до нив да ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Аутомакедонија“ како единствено добро за сите засегнати страни, особено за жителите, кои, како што појаснуваат, секојдневно мака мачат да најдат паркинг близу своите домови. Месечните карти велат дека не се поскапени, само е променета зоната за паркирање, а секоја зона си има своја цена.
– И утре ќе излеземе на протест, а ќе протестираме од 8 до 10 часот и ќе бараме да се врати цената од 40 денари од час. Никаде во градот ја нема оваа цена од 70 денари за паркирање. Плус, за толку висока цена ПОЦ не ви гарантира за возилото оставено на паркингот што го плаќате, не ви дава никаква гаранција. Со оваа цена ќе ни ги избркаат и муштериите и ќе нѐ однесат во пропаст. Доставиме потписи, ќе продолжиме со протести, но и со поригорозни мерки доколку не одговорат позитивно на нашите барања – рече вчера Камбер Џафери, закупец на тезга на зелениот пазар.
Марјан Ѓорѓевски, пак, кој пазаруваше низ пазарот вели дека пазарџиите сосема се во право и го поддржува нивниот протест.
– На еден ваков пазар паркирањето треба да биде бесплатно, а не да се плаќа. Јас сум возач и секојдневно паркирам низ градов, но оваа цена за паркирање е неприфатлива. За новата цена ќе купам три производи од пазар. Сега сите ќе бегаат оттаму каде што се плаќа – смета Ѓорѓевски.
Но од ПОЦ објаснуваат дека претпријатието за јавни паркиралишта е формирано од општината Центар за да го регулира и решава проблемот со паркирањето на територија на општината. Приоритет за паркирање имаат жителите што живеат во тој дел од градот.
– Затвореното паркиралиште „Аутомакедонија“ се наоѓа во непосредна близина на зелениот пазар и со години е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето што работат таму. Во изминатиов период воведовме неколку мерки за решавање на овој проблем, односно поставивме нов систем за препознавање регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила. Последна мерка беше зголемувањето на цените за еден час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови.
Со поставувањето на АНПР-камерите, ЈП „Паркинзи на општина Центар“ има многу поголема контрола на злоупотребите што се вршат на ова паркиралиште. Имено, пазарџиите што редовно секоја година добиваа повластена паркинг карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, истите тие ги користеа за тешки товарни возила. Затоа, ЈП „Паркинзи“ ќе им ги раскине договорите за паркинг на сите оние што ќе вршат ваков тип злоупотреба. На товарните возила веќе им овозможи бесплатен дотур на стока од 5 до 7 часот на ова паркиралиште – сметаат од ПОЦ.
Со воведувањето на овие мерки велат дека ќе стават крај на неправилностите што се случуваа со години и ќе направат ред во паркирањето, давајќи им приоритет на жителите. Од претпријатието сметаат дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски пазар“, кој треба да обезбеди дел од својата парцела што ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги, а не во злоупотреба на јавна површина за да се задоволат потребите на еден приватен бизнис.