Граѓаните се откажуваат поради комплицираната доказна постапка Фото: Маја Јаневска-Илиева

Добивањето отштета е според Законот за зеленило, но тој предвидува сложена процедура за граѓаните кога станува збор за добивање на потврдата за обесштетување. Еден од условите е претходно „Паркови и зеленило“ да го обележале дрвото за сечење. Законот за зеленило вели дека одговорноста за настаната човечка или материјална штета на зелените површини, настанати при паднато дрво или гранка, ја сноси вршителот на одржување на зеленилото, во случајов „Паркови и зеленило“

Многупати се случувало при невреме и силни ветришта да се скршат гранки од уличните дрвореди и да направат штета. Најчесто страдаат паркираните автомобили, а во вакви случаи граѓаните треба да знаат дека можат да побараат обесштетување од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Но постапката е мошне сложена, па поради тоа многумина се откажуваат од процедурата. Добивањето отштета е според Законот за зеленило, но тој не е многу на страната на граѓанинот кога станува збор за добивање на потврдата за обесштетување. Еден од условите е претходно од „Паркови и зеленило“ да го обележале за сечење дрвото од кое паднала гранка.

Изминатиов период имавме непредвидливо време проследено со ветрови со голема брзина и неочекувани поројни дождови. Во едни вакви временски услови последиците беа многу искршени гранки, а имаше случаи тие да завршат и на нечиј автомобил. Ги прашавме надлежните во градот Скопје дали изминатиов период имаат побарувања за отштета од граѓани, кога се во прашање ваквите случаи. Но оттаму велат дека тие ги препраќаат барањата за отштета до јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

– Барањата за обесштетување од паднати гранки, кои им оштетиле приватен имот (автомобили) на граѓаните, се препраќаат до ЈП „Паркови и зеленило“ за нивно утврдување на одговорноста, дали имало или не, соодветно на решението, кое не било реализирано, а е причинета штета и слично – велат од градот Скопје.
Според Законот за зеленило, одговорноста за настаната човечка или материјална штета на зелените површини настанати при: паднато дрво или гранка ја сноси вршителот на одржување на зеленилото. Според овој закон, одговорно е ЈП „Паркови и зеленило“ и тоа утврдува дали има услови за отштета.
– Неодамна имав случај во кој падна дотраена гранка на мојот автомобил и за причинетата штета сакав да барам отштета. Но дознав дека не можам да побарам обесштетување за настанатата штета затоа што дрвото што ја причинило штетата не било претходно пријавено за сечење. За да се добие отштетата е потребна потврда за сторената штета од „Паркови и зеленило“. Потврдата се добива само во случај ако дрвото што ја направило штетата било маркирано од „Паркови и зеленило“ за да се исече. Доколку тоа дрво не е обележано тогаш нема ни отштета – вели револтиран граѓанин.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ се децидни во процедурата на постапката.
– Постапката за поднесување барање за добивање отштета при паднато дрво или гранка е во согласност со исполнување на следните услови. Се врши проверка дали предметното дрво е во надлежност на градот Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“. За конкретното дрво дали има издадено решение за сеча од страна на Секторот за комунални работи на градот Скопје. На самото место за случката се повикува МВР и се врши увид со записник, а се прават и фотографии од сторената штета – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Доколку се исполнуваат горенаведените услови, за случајот се приложува и копија од лична карта и трансакциска сметка заедно со целата документација до „Паркови и зеленило“, по што следува процедура за обесштетување, со пополнување пријава за штета во осигурителната компанија каде што претпријатието е осигурено од дејност.
Оние што не сакаат да се растрчуваат барајќи отштета во долгата и измачувачка постапка со многу докажување не им преостанува ништо друго, туку да внимаваат каде ги оставаат своите автомобили, дали под обележано или необележено дрво од ЈП „Паркови и зеленило“.


Парондо поттикна соработка меѓу „Паркови и зеленило“ и ЈСП

Одговорно за градското зеленило е јавното претпријатие „Паркови и зеленило“. Според програма за изградба и одржување на зеленилото на подрачјето на градот Скопје, претпријатието е задолжено за одржување, кастрење или сечење на зеленилото, односно за дрворедите и за садниците што го разубавуваат подрачјето на градот. Но ненавременото поткастрување на крошните на дрвјата на сообраќајниците по кои поминуваат двокатните автобуси, беше причина гранките од дрвата да ја „дофатат“ главата на Парондо. Гранките од околните дрвја го поткачија поранешниот тренер на ракометниот клуб „Вардар“, Роберто Гарсија Парондо, додека даваше изјава за Македонската радио-телевизија во двокатниот отворен автобус. Не се знае дали овој настан иницира акција кај надлежните за поткастрување на гранките, бидејќи веднаш потоа ЈП „Паркови и зеленило“ и ЈСП „Скопје“ обелоденија соработка за кастрење на дрвјата за да се овозможи непречено минување на возилата на ЈСП.
Од „Паркови и зеленило“ велат дека акцијата била по барањето од ЈСП за подигање на крошните на дрвјата, чии гранки удираат во двокатните автобуси. И сега на голем број скопски улици, како на пример Васил Ѓоргов, во Капиштец, каде што поминува линијата со број „57“ или улицата Благое Паровиќ, во Топанско Поле по која минува линијата со број „9“, гранките од дрвјата страшно удираат по стаклата на двокатните возила.