Феноменот на метрополата за нелегално приклучување на водоводната мрежа
Несовесното трошење на водата не е единствената причина што ја оптоварува водоводната мрежа. Можеби уште поголем проблем се дивите приклучоци, кои не само што ја оптоваруваат мрежата туку ги оставаат граѓаните што легално плаќаат за потрошената вода без можност истата таа да ја користат
Граѓаните лично сведочат за постоењето на дивите приклучоци и за штетата од нив
Поради дивото приклучување, граѓаните не можат да ја користат водата, односно или притисокот им е многу мал или воопшто ја немаат. Поради тоа не можат да пуштат машина или, пак, да наполнат бојлер, па сосема е оправдан нивниот гнев.
– Постојано се соочуваме со истиот проблем, особено во летниот период, кога секако потрошувачката на вода е зголемена и сите ги наводнуваат дворовите или полнат базени. Сепак, уште поголем е проблемот кога некој нелегално ќе се приклучи на мрежата. Тогаш дополнително слабее притисокот, а ние ги трпиме последиците поради тоа – вели Надица Трајкова, жителка на Усје.
Дополнително, проблем прават дивите приклучоци затоа што доста често ја оштетуваат водоводната мрежа. Граѓаните велат дека сопствениците на дивоградби, кои одлучиле самостојно да се приклучат на мрежата, ги пукаат цевките па водата истекува непотребно, со што дополнително се создаваат проблеми.
– Неодамна имавме ваков случај, кога еден од новодоселените самостојно се приклучи на мрежата. Бидејќи е лаик, ја пукна цевката, па водата истекуваше надвор. Сите бевме со намален притисок, немавме доволно вода за секојдневните потреби. Навистина е несовесно од граѓаните што постапуваат така.
На штета на сите нас своеглаво се приклучуваат наместо тоа да го остават на професионалци и за истото тоа да си платат. Сепак, сите ние плаќаме за водата што ја користиме. Многу малку земји во светот имаат можност да имаат пивка вода, но кај нас тоа воопшто не се цени. Надлежните постојано ги санираат штетите, но залудно е. Секогаш се наоѓа некој што повторно го прави истото – вели Борче, жител на Скопје, кој во јавноста сака да остане анонимен, но е подготвен да сведочи и пред надлежните институции.
Акциите на надлежните помагаат, но свеста кај граѓаните е пресудна
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена-Скопје“ досега имаа голем број акции за намалување на несовесното однесување на граѓаните, и тоа не само за несовесната потрошувачка туку и за дивите приклучоци.
Оттаму велат дека секоја година имаат доста многу работа откривајќи ги дивите приклучоци.
– Како и секоја година така и оваа година ЈП „Водовод и канализација-Скопје“ открива и исклучува нелегално приклучени корисници. Во тековнава година се откриени и исклучени околу сто нелегални приклучоци. Поголемиот број од дивите приклучоци се откриени во периферните делови на Скопје, поставени за наводнување пластеници и ниви, но и во други делови, односно населби, поставени за полнење базени, полевање бавчи и слично – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во согласност со закoнските нормативи против истите тие се почнати постапки за кражба на вода.
– Во таа насока ја спроведовме и кампањата „Биди одговорен, однесувај се совесно!“ – велат оттаму.
Оваа акција беше со намера да се влијае на свеста на граѓаните, да се штеди водата и со неа да се постапува совесно. Иако голем дел од населението правилно ја менаџира водата од градскиот водоводен систем, сепак има и такви што ја користат за наводнување ниви, кои секако можат да ги наводнуваат со техничка вода, правејќи штета не само на претпријатието туку и на самите себе.