Одбележувањето на Денот на ретки болести во Скопје, што беше најавено за утре, се откажува, по препораките на Владата за одложување на сите јавни собири поради коронавирусот.
– Со огромно разочарување објавуваме дека планираниот јавен настан за одбележување на Денот на ретки болести на 29.02. го одложуваме заради дадените препораки од страна на Владата на РСМ. Искрено се надеваме дека Вашата поддршка и желба да се дружиме ќе ја задржите за датумот кој дополнително ќе го договориме и објавиме. Се извинуваме на сите доколку планиравте да поминете дел од претстојниот викенд со нас, но здравјето е најважно и приоритет за сите, не само за пациентите со ретки болести, па да се придружуваме до мерките и препораките издадени од официјалните институции – соопштија од Националната алијанса за ретки болести на Р. Македонија (НАРБМ).
Настанот требаше да се одржи во ГТЦ со почеток во 12 часот.
Владата денеска даде препорака да се одложат поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот Прочка во Прилеп и сите слични, до 6 март. Владата им препорача на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации.