Градските власти денеска официјално ја пуштија во употреба новозавршената делница на булеварот Никола Карев. На прес-конференцијата по повод отворањето на булеварот се обрати градоначалникот Петре Шилегов.
Проектот за проширување и реконструкција на булеварот Никола Карев се реализираше во две фази, a градежните работи од оваа фаза се извршуваа на потегот од крстосницата кај касарната Илинден до Момин Поток во вкупна должина од 980 метри.
Шилегов напомена дека со овој проект постојниот коловоз е проширен на 4 сообраќајни ленти, со разделно зеленило и нови мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
„Станува збор за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница користена е и од оние што само минуваат низ овој дел на градот. Оваа сообраќајница ќе се надоврзе и на новата клучка кај Момин Поток чија изведба ќе започне наредната недела, а со нејзиното завршување очекуваме значително да се намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот“, кажа градоначалникот.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, изведена и нова атмосферска канализација и потпорен ѕид во должина од 690 метри, а поставено е и ново лед осветлување од двете страни.
Вкупната инвестиција во втората фаза на проектот изнесувала околу 160 милиони денари.