Барем еднаш во животот 80 отсто од македонските возачи возеле под дејство на алкохол, а пет отсто тоа го прават чето, покажало истражувањето на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата.
Според статистиката на РСБСП, во 2018 година во сообраќајни незгоди загинале 129 лица, во 2017 година 155, а во 2016 загинале десет лица повеќе, односно 165 лица. Од РСБСП информираат дека секоја година во сообраќајки се повредени околу 6.000 граѓани.
– Оние пет проценти што често возат пијани заслужуваат секаква осуда. За нив дефинитивно само големи казни, одземање на возачката дозвола и исклучување од сообраќајот, не привремено како што налага законот, максимум 12 месеци, туку и трајно, со измена на законската регулатива. Нив слободно можеме да ги наречеме несовесни, неодговорни, недостојни, непримерни возачи, па и личности. Тие претставуваат голема опасност за безбедноста во сообраќајот и за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. За ова сите се согласуваме – нагласуваат од РСБСП.
Според нив, опасни возачи се и оние 80 проценти што барем еднаш возеле пијани и тие се несвесни еднакво како оние што чето управуваат возило под дејство на алкохол.