По повод денешниот протест против сечата на дрвјата на улицата „Орце Николов“, општина Центар тврди дека останува посветена на остварување на заложбите за создавање на еколошка општина која треба да претставува пример за другите општини во државата.
Велат дека во целост го разбираат најавениот протест и го поддржуваат правото на слобода на говор и изразување, но појаснуваат дека осумте дрвја биле исечени по претходно извршени испитувања од надлежните стручни служби, каде е утврдено дека се работи за стари, болни и оштетени дрва.
– Крошните на дрвата чии гранки се кршеа при секое поголемо невреме во градот претставуваа опасност за граѓаните и минувачите. Во повеќе наврати до општината од жителите од околните згради има пристигнати писмени барања за отстранување на дрвата. Оние дрва што се отстранија, ќе се заменат со нови, висококвалитетни садници, а за останатите ќе се бараат дополнителни решенија. Проектот за улицата „Орце Николов“ веќе две години е изложен на увид во Општина Центар, објавен е на општинската веб страна, неколку пати е објавуван и во јавноста и сите засегнати граѓани можат да дојдат во општината и лично или електронски, на следниот линк, да се уверат во содржината на истиот. Извршена е ревизија и проектот за улицата „Орце Николов“ ги има поминато сите фази на контрола при изработката. Крајната наша цел е граѓаните да добијат квалитетна и безбедна реконструирана улица – наведува општината.
Оттука додаваат дека еден од нивните приоритети и на градоначалникот Саша Богдановиќ е заштитата на животната средина.
– Со носењето на новите 8 ДУП-ови успеавме да сочуваме 13.000 метри квадратни урбано зеленило, паркови и зелени површини и ја воведовме обврската за обезбедување на 20% зеленило во секоја градежна парцела. Политиките за зазеленување на општината се евидентни со сите наши активности и проекти, меѓу кои и замената на старите фасади со нови, еколошки и ефикасни, проектот „Цел Центар на точак“, поставување на енергетски-ефикасни фасади на детските градинки и училишта, Зелената еко зона на Сквер Јадран, но и со секојдневното одржување и обновување на уличното и парковското зеленило во надлежност под општината – додава општината.