Општина Кисела Вода заедно со менаџментот на двете јавни детски градинки кои функционираат на нејзината територија ги привршува подготовките за повторно отворање на јавните установи кои згрижуваат деца од предшколска возраст.
Во текот на изминатите денови, вработените во градинките извршија целосно генерално чистење на објектите, на целата опрема и инвентарот во занималните, кујната, магацините, пералните, собите за изолација, административните и други простории во објектите, а во следните денови ќе се изврши и целосна дезинфекција на сите објекти кои ќе ги отворат вратите за нашите најмали сограѓани. Обезбедени се и доволни средства за одржување на општата и лична хигиена, средства за дезинфекција на вработените и просторот.
Истовремено, во двете градинки е обезбедено и доволно лична заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените, а во следниот период општина Кисела Вода ќе обезбеди и донација во вид на заштитни визири за целиот персонал во јавните детски градинки.
Занималните и инвентарот се подготвуваат во согласност со Протоколите за згрижување на деца во детските градинки во време на корона-кризата, а престојот на децата ќе се организира на таков начин што ќе се избегне меѓусебен контакт на различни воспитни групи на деца (сместени во одделени простории).