Ги повикуваме родителите што поскоро да се пријават за еднократна парична помош во висина од од 3.500 денари што ја доделува Општина Аеродром на првоодделенчињата запишани во основните училишта на нејзината територија, апелираат од Општината.
Тие истакнуваат дека, повикот е упатен со цел првачињата до почетокот на новата учебна година навреме да ја добијат паричната помош од 3.500 денари.
– Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете, изјави градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.
Имено, одлуката за доделување по 3.500 денари за првоодделенците првпат е донесена оваа година во Општина Аеродром. За оваа намена, Општината има издвоено околу 2.800.000 денари од сопствениот Буџет за околу 800 првачиња.
– Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со прваче во учебната 2018/2019 година на подрачјето на Општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница www.aerodrom.gov.mk.