Општината Карпош ја реализира завршната фаза од големата еколошка акција со која беа засадени околу 200 нови дрвја. Со тоа се збогати дрвниот фонд на територијата на Карпош со повеќегодишни квалитетни израснати дрвја од типот јасен, јавор, багрем, липа, како и зимзелена туја и украсни повеќегодишни грмушести растенија од типот лаванда.
– Почнувајќи од плоштадот „Делфина“ во населбата Влае, општинските служби го обновија зеленилото на повеќе локации во населбите Тафталиџе 1 и 2, во Карпош 3 и 4, а нови дрвја беа насадени и околу Млечниот ресторан во УЗ „Владо Тасевски“, околу плоштадот кај Педагошкиот факултет и на плоштадот во Бардовци – соопштуваат од Карпош.
Од оваа единица на локална самоуправа годинава презедоа повеќе еколошки иницијативи за да го облагородат и меѓублоковското зеленило околу колективните станбени објекти. Акцијата беше една од превентивните мерки во борбата против загадувањето и одржувањето на здравата животна средина.