Општината Карпош им подари нови екоиграчки на градинките што се наоѓаат на нејзината територија. Целта на општината е играчките изработени од екоматеријали да ги заменат старите и дотраени и веќе искористени играчки со нови и подобри.
– Старите дидактички материјали се заменети со нови, за да се подобрат престојот, грижата и социјализацијата на најмладите – велат од општината Карпош.
Новите играчки овозможуваат младите да учат преку игра и уште во детските установи да се подготват за основното образование.
– Новите играчки изработени од екоматеријали ќе придонесат за попријатен престој на најмладите во градинките, а притоа тие ќе бидат заштитени и безбедни при детската игра. Овие екоиграчки ја зголемуваат интеракцијата меѓу младите и ги развиваат нивните когнитивни вештини, да ги спознаваат работите и појавите – рече вчера градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Во изминатава година во општината Карпош се отвори и новиот објект на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1, а во финална фаза е и отворањето на целосно новата градинка во Бардовци. Надлежните велат дека примарната цел е да се создаде квалитетно и сеопфатно предучилишно образование, кое навистина ќе ги подготви најмладите за следниот чекор – основното образование.