По повод националниот празник, општината Илинден го организира настанот „Илинден 2 Август“. На 28 јули годинава, со почеток во 20.30 часот, во амфитеатарот на паркот „Галерија на отворено“, пред домот на култура „Илинден“ во населбата Илинден свечено ќе биде одбележан патрониот празник, под мотото „Со Илинден традицијата продолжува“. Одбележувањето на Денот на општината ќе биде збогатено со настап на групата „Некст тајм“.
Во рамките на одбележувањето на патрониот празник, на 27 и на 28 јули годинава, по 11-ти пат ќе се одржи и традиционалниот спортски викенд „Илинден 2019“. На него се очекува да учествуваат над 700 спортисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови: велосипедизам, шах, атлетика-трчање, тенис, баскет и голем фудбал. Централен настан на спортскиот викенд ќе биде традиционалната професионална велосипедска трка во должина од 100 километри „Трофеј Илинден 2019“.
– „Трофеј Илинден 2019“ е влезен во календарот на велосипедски трки на Велосипедската федерација на Македонија и се бодува за купот на нашата земја – велат од општината Илинден.
И оваа година „Трофеј Илинден 2019“ ќе има интернационален карактер, бидејќи се очекува да учествуваат над седумдесетина велосипедисти од неколку држави, а кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории: сениори, мастерс, кадети, јуниори, жени, У15 и У13. Почетокот на трката е закажан за 27 јули (сабота) во 16 часот, пред спортската сала „Гоце Делчев“. Во чест на патрониот празник, на 24 јули, во среда, од 9 до 14 часот во домот на културата „Илинден“ ќе се реализира традиционалната крводарителска акција.