Општината Аеродром реализира акции за разеленување на својата територија, а викендов ги повикува и граѓаните да учествуваат во големата акција за засадување 3.300 дрвја. Акцијата ќе започне утре во 11.30 часот, пред училиштето „Ѓоргија Пулевски“. Ќе се засадуваат листопадни и зимзелени садници, а ќе садат советници, спортисти, естрадни ѕвезди, граѓани, екоактивисти и вработени во општинската администрација.
– Да придонесеме сите за поубав и позелен Аеродром! – порачуваат од општината Аеродром и ги повикуваат сите заинтересирани да бидат дел од овој настан. Инаку, како што е веќе познато, во изминатиов период во Аеродром имаше многу реакции од страна на жителите за одземањето на зеленилото во општината за сметка на подигањето нови градби. Неодамна општината Аеродром објави прашалник за прибирање предлог-локации за садење нови дрвја на јавни зелени површини. За таа цел општината за есенското садење дрвја имаше обезбедено околу 3.000 различни вида зимзелени и листопадни садници.