Општината Аеродром се приклучува кон 24-та глобална акција за мапирање и за расчистување депонии. Мапирањето може да се изврши на линкот www.worldcleanupday.org/map-it/. Овој глобален настан е инициран од движењето „Летс до ит! Ворлд“. Акцијата ќе се реализира на 15 септември на Светскиот ден на чистењето. Граѓаните преку апликацијата „Ворлд клинап“ ќе можат да ги мапираат местата на кои има отпад. Со тоа подобро ќе се детектира проблемот со отпадот што го имаме преку визуализирање на собраните податоци.
Целта на иницијативата е да се издигне свеста за глобалниот проблем со отпадот и да се најдат одржливи решенија за него. Мапирањето ќе трае до средината на август по што ќе следува процес на избор на локации за чистење и понатамошна организација и логистика на расчистувањето.
„Летс до ит! Ворлд“ е брзорастечкото граѓанско движење што ги поврзува и ги охрабрува граѓаните, општините, компаниите и владите да ги исчистат своите земји од отпадот. Од 2008 година, кон ова движење се приклучија речиси 20 милиони луѓе од целиот свет. Организатор на настанот во земјава е здружението за одржлив развој и за заштита на животната средина „Гоу грин“ од Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.