Чување и напасување добиток и живина
во урбаната средина на главниот град Скопје
Градските власти велат дека според членот 25 од Одлуката за комунален ред на Град Скопје „на јавните зелени површини не е дозволено чување и напасување добиток и живина“. Според членот 84, став 1, од Одлуката за комунален ред на Град Скопје, „на подрачјето на градот Скопје се забранува чување, терање, напасување и хранење животни и живина“
Постојат ли стандарди што еден главен град треба да ги исполнува за да можат неговите жители да го наречат метропола и да се гордеат со него? Секако дека постојат. Главните градови на државите освен што се административни центри, во светот се одликуваат со високо ниво на хигиена, широки улици, урбано зеленило, жардиниери на булеварите, големи велосипедски и пешачки патеки…
Факт е дека Скопје низ годините многу се градеше за да добие ваков епитет. Градот воопшто не личи на оној од пред дваесетина или триесетина години, но сепак сѐ уште постојат „опашки“, кои не само што не се одлика на главен град туку и претставуваат опасност по неговите жители и учесници во сообраќајот.
КОЊИ ПАСАТ ТРЕВА ПО ДОЛЖИНАТА НА БУЛЕВАРИТЕ
Скопје има голем проблем со добитокот на неодговорните граѓани, кои го пуштаат низ улиците и парковите и таму го оставаат. Можеби еден од најголемите проблеми на градот се слободно пуштените коњи на зелените површини, кои може да се видат дури и во средишните жардиниери на булеварите.
Граѓаните за овие проблеми постојано реагираат на социјалните мрежи, каде што објавуваат фотографии од добитокот што е оставен слободно да шета и пасе во зеленилото низ градот.
Најчесто таква слика може да се види во општините каде што има повеќе зеленило. Сепак, во воздухот лебди прашањето чии се тие коњи што честопати може да се видат како слободно пасат трева, претставувајќи опасност не само за жителите туку и за себе.
– Среде булевар, среде главна улица постојано сме сведоци на коњи што пасат трева во средишните булевари, но и во околните паркови. Немам ништо против ниту едно домашно животно, ниту пак против тие што ги чуваат, но во конкретниов случај имам против неодговорноста на оној што ги пуштил така слободно да пасат трева. Луѓе се плашат да возат покрај нив, страв им е бидејќи станува збор за големи животни, кои лесно може да се исплашат и во таа паника да предизвикаат инцидент со човечки жртви – вели Николина Јовановска, жителка на Ѓорче Петров, каде што неодамна беа забележани коњи како пасат трева.
Голем проблем, како што велат жителите, е токму тоа што коњите излетуваат на улиците, но и скокаат пред автомобилите, со што претставуваат опасност за возачите и за преостанатите минувачи, независно дали се пешаци или велосипедисти.
– Малите деца најмногу им се радуваат на коњите, бидејќи денес е ретко да се види коњ како слободно шета и пасе трева. Сепак, токму оттука и демне опасноста. Не знаеме какви коњи се, може да ги нападнат децата од страв за сопствениот живот – вели таа.
СКОПЈАНИ ЧУВААТ И КОКОШКИ, КОЗИ И ДРУГ ДОБИТОК
За жал, во градот не се проблем само коњите. Во многу скопски населби на големо се чуваат кокошки, овци, кози, па и свињи. Тоа многу лесно може да се утврди, бидејќи мирисот што се шири околу шталите каде што се сместени животните на моменти дури е неподнослив.
– Соседите чуваат коњ, кози и кокошки. Кокошките постојано им бегаат од дворот, па редовно ги имаме и кај нас во дворот. Козите, пак, се пребучни и понекогаш навистина е неиздржливо да се живее покрај такви соседи. Жално е што живееме речиси во Центар, бидејќи Чаир е релативно блиску до централното градско подрачје, а се справуваме со вакви проблеми. Дополнително, реата што се шири е неподнослива. Неколкупати досега реагиравме до соседот, но залудно е, воопшто не му е грижа за тоа што нам ни пречат животните, особено затоа што не смееме ниту да седнеме во дворот, бидејќи мирисот навистина е неподнослив. Сепак, постојат одредени правила што мора да се почитуваат доколку некој сака да чува добиток. Првенствено да се тргне настрана, каде што со своите постапки нема да им пречи на другите – вели Анета Димитриева, жителка на Чаир.
ГРАДСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ИНТЕРВЕНИРА,
НО ВАКВИ СЛУЧАИ СЀ УШТЕ ИМА
Градските власти велат дека според членот 25 од Одлуката за комунален ред на Град Скопје „на јавните зелени површини не е дозволено чување и напасување добиток и живина“. Според членот 84, став 1, од Одлуката за комунален ред на Град Скопје, „на подрачјето на градот Скопје се забранува чување, терање, напасување и хранење животни и живина“.
– Во случаите со коњи и друг вид добиток, ние како институција интервенираме на неколку основи за овие прашања, каде што ако животно почине на јавна содржина, екипи на ЈП „Комунална хигиена“ ја подигнуваат мршата. Дополнително, токму за случаи со коњи што слободно шетаа по паркови и јавни површини, ЈП „Комунална хигиена“ набави приколката за превоз на крупен добиток (сега предадена на ЈП „Лајка“). Оваа приколка се набави по иницијатива на месните заедници и на граѓаните, бидејќи имаше многу случаи кога коњи шетаа по јавните зелени површини и по жардиниери низ градот и имавме проблем како да ги пренесеме од местото на заловување до местото одредено за престој – информираат градските власти.
Оттаму додаваат дека изминативе години за ваков проблем неколкупати е интервенирано, а во голем број случаи никој не дошол да ги подигне животните, по што тие биле однесени во резерватот во националниот парк Јасен.