Од денеска возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по зимски возен ред во согласност со одлуката за линиски превоз на патниците во Скопје, информираат од ЈСП и додаваат дека возниот ред на автобусите на ЈСП, како и на приватните превозници, може да се види на веб-страницата на претпријатието.
Истовремено, во пресрет на учебната година ЈСП информира дека на учениците од средните училишта на Град Скопје од 2 септември почнуваат да им важат бесплатните билети за користење јавен превоз.
Учениците од прва година средно правото на користење бесплатен превоз ќе може да го остваруваат со привремен билет што ќе го добијат во училиште. Овој билет ќе има важност до 31 октомври, односно сè додека не им се изработат и не се поделат електронски персонализирани картички „Скопска“.
На учениците од втора, трета и од четврта година бесплатните билети (персонализирана „Скопска“) автоматски, преку системот, ќе им бидат продолжени. Во случај на евентуален проблем учениците треба да појдат во некој од центрите за персонализација на ЈСП „Скопје“ и таму да го регулираат статусот.