Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија го одбележуваат Јом Ашоа – Национален комеморативен ден на холокаустот и херојството на државата Израел, којшто се одбележува според хебрејскиот календар, во сеќавање на востанието на Евреите во Варшавското гето во 1943 година и како комеморативен ден на шест милиони Евреи убиени во холокаустот.
Комеморацијата беше одржана во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите
од Македонија, во некогашното еврејско маало, во присуство на бројни гости и претставници на дипломатскиот кор во државава.
Присутните положија цвеќе пред споменикот на депортираните Евреи, на платото пред
Меморијалниот центар на холокаустот, додека претседателот на управниот одбор на Фондот на холокаустот, Благоја Младеновски, запали шест меморијални свеќи.
Изложбата „Холокаустот низ призмата на детските очи“ ја отвори координаторката на проектот Маја Суша.