Скопјани сметаат дека порано било позабавно - (Дискотека „Колосеум“)

Скопје стана милионски град, а голем дел од населението во него по сите дневни активности сака и малку забава во своето слободно време, особено кога станува збор за викендите. Тука веднаш се поставува прашањето каде има добра забава, има ли ноќен живот во градот, дали се задоволни од тоа што се нуди или порано имало подобра понуда. Се наметнува прашањето како се забавувале порано и како се забавуваат сега неговите жители. Тоа можат да ни го доловат само граѓани од различни генерации. Секој од нив памети добри времиња и места за забави во градот, но денес, генерално, младите велат дека има ноќен живот, но оти секаде се повторува едно исто, дека е монотоно и дека има ноќен живот без многу забава.

Луѓето во минатиот век претпочитале да излегуваат на домашни забави и се шетале на корзо. Некои од повпечатливите места за излегување биле „Кермес“, „Клубот на новинари“ и дискотеките „Мусандра“, „Панорама“ и „Студио 5“. Имало посебни правила кога се шетало на корзо. Патеката за повозрасните била од ресторанот „Пелистер“ до ресторанот „Метропол“ и обратно каде што заљубените си праќале погледи, патеката за помладите била од хотелот „Македонија“ до Камени мост, а за најмладата популација до слаткарницата „Ванила“, која се наоѓала во Градскиот трговски центар.

– Луѓето во мое време, а тоа е беа седумдесеттите и осумдесеттите години, најчесто одеа по домашни журки, имаше подрумски простории, кои ги правевме како клупчиња за одреден круг пријатели. Се одеше и на корзо, се шетавме натаму-наваму. Ќе се шеташ и ќе кокетираш со некоја што ти се допаѓа. Добри места за излегување беа „Кермес“ во Градскиот парк, а уметничките души одеа во „Клубот на новинари“. Поелитни места беа дискотеките „Мусандра“ и „Панорама“ на Водно. Монденско место беше дискотеката „Студио 5“, која се наоѓаше во близината на полициската станица, а доаѓаа актуелни музички ѕвезди од поранешна Југославија и имаше одлична музика. Порано имаше повеќе дружба и другарување и најважно од сѐ беше меѓусебното почитување. Сега се забележува сѐ поголемо отуѓување во оваа ера на мобилна и компјутерска технологија. Младите се отуѓуваат, сѐ поретко комуницираат, ретко се гледаат, дури и со најблиските роднини – вели Драган Јосифовски.

„Кермес“

Во периодот од 1990 до 2010 година имало повеќе места за излегување, луѓето биле посреќни и позадоволни. Имало собирање на отворен простор и по кафулиња или по дискотеки и ноќни клубови. Сепак, генерално, голем дел од граѓаните за тој период имаат позитивни искуства.

– Јас сум таа генерација што, да речеме, активно почна да излегува во 1999, 2000 година. Порано се излегуваше повеќе надвор на отворено за дружба и за пиење. Исто така немаше толку тезга-бендови, а имаше авторски бендови. Јас и моето друштво излегувавме на Кругче тоа се наоѓаше на стариот градски плоштад кога беше калдрма. Се седеше на кејот на реката Вардар и кај сината трафика „Тутун“, која се наоѓаше спроти Ристиќева палата. Се седеше исто така кај хотелот „Бристол“, кај „Љубов“. На овие места седеа поалтернативни луѓе како панкери, металци и рапери. Се разменуваа цедиња и плочи, а наедно свирки имаше секоја недела. Беше активно и луѓето одеа во клубот „Копакабана“ што се наоѓаше до МНТ во кое се случуваа добри свирки. Подоцна почна да се излегува во СФ. Штедевме пари од ужина за да купиме цеде од некој бенд. Атмосферата ја создаваат луѓето, а сѐ си доаѓа со годините. Но, точно е дека сега сѐ е подостапно и нема таков жар како што имаше порано – вели Никола Цанев.

Во тој периодот до 2010 година во Скопје некако сите дискотеки си имаа свои подеми и падови. Едно време беше актуелно да се оди во „Хард рок“, „Процес“/„Миднајт“ или „Ла Фабрик“. Но прв избор за дискотека беше дискотеката „Колосеум“. Во тој период почна постепено да замира ноќниот живот.

– На прво место го ставам „Колосеум“ со ласер-шоута, музиката, атмосферата и луѓето. Гратисите го полнеа местото. Потоа ретко одев по клубовите, немаше никаква атмосфера. Последен пат на што се сеќавам дека сум си поминала добро, беше во „Ритокс“ кај Католичка црква. Потоа немаше веќе луѓе како порано, почнаа да ги делат забавите за јуниор и за сениор, па на купче и тоа некако стана доказ дека ноќниот живот во Скопје полека изумира – вели Елиса Богдановска.

За разлика од тогаш, на сегашните генерации во Скопје до 12 часот главниот избор им се кафулињата и кафеаните во Дебар Маало, а подоцна продолжуваат низ дискотеките во Градскиот парк. Помладата генерација вели дека иако има избор во однос на места за луѓе со различни музички вкусови, сепак нема добар ноќен живот во Скопје.
– Во глобала нема ништо посебно. Каде и да излезеш е едното исто, тие неколку диџеи и артисти се вртат по ноќните клубови со турбофолк до мејнстрим. Сите нудат различна музика зависи кој што сака. Во „Хавана“ во понеделник има бившојугословенски хитови во вторник има хип-хоп, во „Икс-ел“ има мејнстрим-музика, во „Епицентар“ има нешто што личи на транс, во „Маракана“ се свири рок, Жаре Бербер секој петок со српско е во „Централ парк“. Обично луѓето до 12 часот одат во „Локал 45“, „Бастион“, „Кино Карпош“, но исто така и во кафеаните на цела боемска улица и во дискотеките во парк.

Ако излегуваш почесто ќе видиш дека сѐ е видено и поминато затоа и станува монотоно. Но еве во последно време се пуштаат филмови во парк, помина „Вино-фест“ и на некој начин секоја недела има понекој настан. Во суштина Скопје како град нема што многу да понуди, но со добра група луѓе можеш да си поминеш многу добро – вели Кристијан Марковски.

Секоја генерација има свои доживувања и искуства и ќе рече дека убаво си минувала во своето време. Но некако јасно е дека порано имало и повеќе дружба и другарување, но и повеќе забава. Сега, можеби, е време на социјални мрежи и медиуми, но луѓето сѐ поотуѓени.