Град Скопје ги информира граѓаните дека од утре поради градежни активности што се одвиваат за реализација на проектот „Реконструкција на дилатации на мост Гоце Делчев во двата правци“, ќе се воведе нов привремен сообраќаен режим.
Утре при изведба на градежните работи, сообраќајот на потегот од „Мавровка“ кон Влада ќе се одвива во една сообраќајна лента, а сообраќајот на потегот од Пошта кон Судска палата ќе се одвива во две сообраќајни ленти. Оваа времена измена ќе важи само за утрешниот ден.
Од среда до 19 август, под времен сообраќаен режим ќе биде само потегот од „Мавровка“ кон Влада и ќе се одвива во една сообраќајна лента, а сообраќајот на потегот од Пошта кон Судска палата ќе се одвива нормално.
Знаците за времено водење на сообраќајот на потегот од Пошта до Судска палата ќе останат на булеварот до завршување на работите на тротоарот, а барикадите ќе бидат поставени на работ на коловозот заради безбедност при работа на самиот тротоар.
Фазите на имплементација на времениот сообраќаен режим се со целокупно времетраење од 40 денови, односно од 9.07.2019 до 19.08.2019 година.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да се придржуваат до времениот режим на сообраќај. Истовремено, ги замолува сите учесници во сообраќајот за трпение и разбирање поради можното отежнато одвивање на сообраќајот во овој дел на градот.