Скопската населба Влае 2 доби нов парк за миленици. Во новоотворениот парк се одржа и маалска дружба, каде што голем број карпошани дојдоа со своите миленици и го искористија саботното попладне за рекреација, разговор и дружба.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој ја истакна намерата на локалната самоуправа да продолжи со вакви проекти и зони за миленичиња.
-Овој дел од Влае целосно се оплеменува. Имаме повеќе спортски игралишта, детско игралиште, зеленило, а сега и парк за миленици. Во вистинска смисла ова е зона за рекреација на сите граѓани. Неодамна отворивме и нов парк за миленици долж Кејот на Вардар, кај вештачката карпа, кој концепциски се разликува од овој, кој содржи различни реквизити и урбана опрема, рече градоначалникот на Карпош, Богоев во непосредниот разговор со граѓаните.
На маалската дружба присуствуваа и претставници од Кинолошкиот сојуз, како асоцијација што се занимава со проучување на кучињата и нивните расни карактеристики. Претседателот на Сојузот, Јордан Христовски го истакна позитивниот пристап на Општина Карпош за отворање вакви катчиња за миленици што се опремени со потребните реквизити за кучињата, а од особено значење е одржувањето на истите.
-Очигледно беше и задоволството на граѓаните од новиот парк. На овој начин се зголемува безбедноста за сите граѓани и за оние кои се љубители на домашни миленици, но и за луѓето кои не се тоа, затоа што овие паркови овозможуваат концентрација на милениците на определен простор, нивна заштита, полесно одржување на јавната хигиена и чистота на околината – соопшти општината.